ФОТО: „Слободен печат” на лондонското дерби: Арсенал ја обои британската метропола во црвена боја

Емирати Стадионот во Лондон / Фото Слободен печат

Тимот на Арсенал синоќа убедливо триумфираше над нивниот вечен ривал, Челси. „Слободен печат” имаше можност директно да го проследи натпреварот од Емирати стадионот во Лондон, домот на Арсенал.

Уште од раните утрински часови можеше да се почуствува еуфоријата низ градот во пресрет на дербито. На патот кон стадионот имаше илјадници знамиња, шалови, дресови…, сите во боите на домаќинот.

Организацијата во градот беше на врвно ниво уште 5 до 6 часа пред почетокот на натпреварот. А поради огромниот метеж во сообраќајот, по кој е и познат Лондон, единствена опција беше на стадионот да се пристигне неколку часа претходно.

Англичаните се познати љубители на фудбалот, но начинот на кој се подготвуваат за едно вакво дерби е нешто што досега го немав доживеано. Илјадници полицајци, огромен број на обезбедување и редари се погрижија патот кон стадионот да биде безбеден за сите.

И покрај тоа што десетици илјади навивачи се движеа кон влезовите, сето тоа се одвиваше без никакви турканици и нервози. Возбудата во очите на домашните навивачи беше огромна, знаејќи што би значеле три бода и победа над вечниот ривал.

Пред натпреварот Арсенал-Челси во Лондон/ Фото: Слободен печат

Па така, со спектакуларно шоу играчите на двете екипи излегоа на теренот. Атмосферата на стадионот беше електрична.

И покрај целосната доверба кај домашните играчи, нервозата сепак беше присутна кај многу од навивачите. Но, за нивно добро, тие за кратко време здивнаа, откако фудбалерот на Арсенал, Леандро Тросар успеа да постигне гол уште во првите 5 минути од натпреварот.

Првото полувреме беше многу возбудливо, а на трибните навивачите на двете екипи не престанаа да ги пеат своите песни.

Иако Арсенал замина на полувреме со предност од 1:0, домашните навивачи стравуваа дека нивниот тим ќе биде казнет поради неискористените шанси, верувајќи дека Арсенал можеше да има и поубедливо водство.

Но, во второто полувреме, „топџиите“ во неколку минути успеаја да го завршат натпреварот, некои дваесетина минути пред самиот крај. Четирите брзи гола во мрежата на српскиот голман Петровиќ, ја потврдија убедливата победа на домаќинот.

Шлагот на тортата беа двата погодока на Германецот Каи Хаверц, кој до лани го носеше дресот на Челси, а од годинава игра за Арсенал. Останатите два гола ги постигна десниот бек на Арсенал, Бен Вајт.

Арсенал – Челси/ Фото: Слободен печат

Како што привршуваше натпреварот, гостинските навивачи разочарани го напуштија стадионот на некои дваесет минути пред крајот. Само неколку храбри десетина останаа до крајот.

Кај навивачите на Арсенал, пак, ситуацијата беше тотално различна. Тие уживаа во фудбалот кој им го приредија нивните фудбалери, па по завршувањето на натпреварот останаа да пеат и да ги бодрат играчите.

Она што остави најголем впечаток е организацијата на властите по натпреварот. Како и пред натпреварот, така и потоа, патот од стадионот до метрото се одвиваше без никаков проблем.

Во метрото се пееја песни на Арсенал, како и на улиците кои водеа кон станиците.

По натпреварот, Арсенал успеа да го обои Лондон во црвена боја.

ВИДЕО: Арсенал пукна „петарда“ во мрежата на Челси и го задржа врвот во Премиер лигата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот