ФОТО | Скелет на Т-рекс продаден за 5,6 милиони евра

Скелет на Т-рекс / Фото EPA-EFE/MICHAEL BUHOLZER

Скелет на тираносаурус (Tyrannosaurus rex), наречен Тринити, на возраст меѓу 65 и 67 милиони години и составен од коски на три различни диносауруси, е продаден вчера на аукција во Цирих за околу 5,6 милиони евра.

Беше понуден на продажба од приватно лице, анонимен американски државјанин, а се очекуваше да достигне цена од пет до осум милиони евра.

Скелет на Т-рекс / Фото EPA-EFE/MICHAEL BUHOLZER

Аукционерот Сирил Колер откри дека ова е само трет пат во светот цел скелет на T-Рекс со исклучителен квалитет да се најде на аукција и прв таков случај да биде продаден во Европа.

„Беше прекрасна аукција затоа што прво го изложивме скелетот наречен Тринити две и пол недели во концертна сала во Цирих. Го погледнаа повеќе од 30.000 посетители, меѓу кои и многу деца“, изјави тој за Франс прес.

Колер рече дека се надева оти скелетот, иако е продаден на приватен купувач, сепак ќе остане јавно изложен за да можат да го видат што е можно повеќе заинтересирани.

„100 проценти сум сигурен дека ќе можеме повторно да го видиме скелетот на Тринити некаде во иднина“, рече тој.

Скелет на Т-рекс / Фото EPA-EFE/MICHAEL BUHOLZER

Овој примерок од диносаурус е опишан како еден од најспектакуларните Т-Рекс скелети во светот. Долг е 11,6 метри, висок 3,9 метри и широк 2,65 метри.

Името на скелетот – Тринити го добил затоа што бил составен од коски на три различни тираносауруси ископани на американските локации Хел Крик во Монтана и Ленс Крик во Вајоминг. Се состои од 293 коски од примероци земени помеѓу 2008 и 2013 година.

Тие места претходно биле познати по откритијата на уште два важни скелети на Т-Рекс кои завршиле на аукции.

Повеќето скелети од диносауруси кои се нудат на аукции се делумно составени од гипс, но во овој случај повеќе од половина од Тринити е составена од вистински коски, што е релативно висок процент.

Скелет на Т-рекс / Фото EPA-EFE/MICHAEL BUHOLZER

Палеонтологот Томас Холц од Универзитетот во Мериленд, жесток противник на продажбата на такви примероци, изјави за АФП дека е „погрешно“ и „несоодветно“ да се комбинираат повеќе вистински коски од различни поединци за да се создаде единствен скелет на диносаурус“.

Тој, исто така, се противи на аукциите на скелети од диносауруси и други фосили, каде поединци заработуваат десетици милиони долари во последните години.

И други експерти предупредуваат дека ваквата трговија може да биде штетна за науката, имајќи предвид дека примероците завршуваат кај приватни купувачи и остануваат надвор од дофатот на истражувачите.

Но, Кристијан Линк на Колер истакнува дека 95 отсто од познатите скелети на Т-Рекс моментално се во музеи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот