ФОТО | Семејството Кенеди обединето во најголема тага: Одржан погребот на внуката на Џон Кенеди
Членовите на семејството Кенеди и нивните најблиски пријатели се собраа во понеделникот, 5 јануари, во Њујорк за да се простат од Татјана Шлосберг, ќерката на Каролин Кенеди и Едвин Шлосберг, која почина на 35-годишна возраст. Погребната церемонија се одржа во црквата „Свети Игнациј Лојола“ на Горната Ист Сајд, а беше затворена за јавноста.
Препорачано


Меѓу првите кои пристигнаа беа членови на поширокото семејство, вклучувајќи ги Кери Кенеди и Џо Кенеди Трети. Набргу потоа пристигнаа и родителите на Татјана, нејзиниот брат Џек и сестрата Роуз, како и нејзиниот сопруг Џорџ Моран со нивните две мали деца – синот Едвин и ќерката Џозефин.
На последното збогување беа забележани и неколку познати јавни личности, меѓу кои долгогодишниот телевизиски водител Дејвид Летерман и модната дизајнерка Каролина Херера, која ја има дизајнирано венчаницата на Татјана. Во истата црква, во 1994 година, беше одржан и погребот на нејзината баба, Жаклин Кенеди Оназис. За време на церемонијата, полицијата го обезбедуваше просторот, а околните улици беа затворени.
Татјана Шлосберг почина на 30 декември, само еден месец откако во есеј објавен во списанието „Њујоркер“ јавно откри дека боледува од акутна миелоидна леукемија. Во текстот таа отворено пишуваше за шокот од дијагнозата, како и за своето искуство со повеќемесечното лекување, вклучувајќи хемотерапија и трансплантација на коскена срцевина.
Веста за нејзината смрт ја соопшти Фондацијата „ЏФК Лајбрари“ во име на семејството, со порака:
„Нашата прекрасна Татјана почина утринава. Засекогаш ќе остане во нашите срца.“
Пораката беше потпишана од членовите на семејството, вклучувајќи ги сопругот и децата, родителите, како и браќата и сестрите.
Внуката на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди беше образувана историчарка – дипломирала на Универзитетот Јејл, а магистерска диплома по американска историја стекнала на Универзитетот Оксфорд. Работеше како новинарка специјализирана за еколошки теми и планираше истражувачки проект посветен на заштитата на океаните, кој поради болеста не успеа да го реализира.
Во својот есеј, Татјана искрено пишуваше и за мајчинството, истакнувајќи колку болеста ѝ одзела драгоцено време со децата, особено со ќерката родена во 2024 година.
„Не знам дали ќе се сеќава дека сум ѝ мајка, но се надевам дека ќе знае која бев“, напиша таа.
На денот на погребот, Фондацијата „ЏФК Лајбрари“ објави и една од последните фотографии на Татјана, направена во септември на Мартас Винијард, на која е заедно со сопругот и децата, со порака на сочувство и сеќавање на нејзиниот живот.


