Принцот Вилијам - Фото: AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

ФОТО | Принцот Вилијам заборави на кралската воздржаност — со многу емоции ја прослави историската победа на Астон Вила

Принцот Вилијам емотивно ја прослави победата на Астон Вила во финалето на Европската лига, а снимките од неговите реакции брзо се проширија на социјалните мрежи. Идниот британски крал не го криеше воодушевувањето откако неговиот омилен клуб во Истанбул го освои првиот голем трофеј по три децении, пренесува „Би-би-си“.

Астон Вила славеше со 3:0 против Фрајбург на стадионот на Бешикташ и ја освои својата прва титула во Европската лига, како и прв европски трофеј по 1982 година. Головите за англискиот клуб ги постигнаа Јури Тилеманс, Емилијано Буендија и Морган Роџерс.

Принцот Вилијам – Фото: Mark Enfield / imago sportfotodienst / Profimedia

Иако натпреварот го следеше од свечената ложа, принцот Вилијам по последниот судиски свиреж целосно ја заборави вообичаената кралска воздржаност. Камерите го снимија видно возбуден, со насолзени очи, како скока од радост, ги стега тупаниците и ги прегрнува луѓето околу себе.

До него седеше неговиот долгогодишен пријател Бен Доуз, познат како „Доузи“, кој често може да се види со принцот на натпреварите на Астон Вила. Во нивно друштво беа и Џејк ван Катсем и неговиот татко Едвард ван Катсем, банкар и еден од најблиските пријатели на Вилијам уште од детството. Семејството Ван Катсем со децении е блиско со британското кралско семејство.

Принцот Вилијам со години јавно зборува за својата љубов кон Астон Вила, а натпреварите често ги следи и со својот најстар син, принцот Џорџ. Сепак, токму оваа победа и начинот на кој ја прослави особено ја допреа јавноста, бидејќи ретко се гледа во толку опуштено и емотивно издание.

По натпреварот, Вилијам испрати и јавна честитка до клубот.

„Неверојатна вечер! Огромни честитки до сите играчи, стручниот штаб и сите поврзани со клубот. Поминаа 44 години од последниот европски трофеј“, напиша тој.

Посебно го издвои и фудбалерот Бубакар Камара, кој беше повреден, но според Вилијам одиграл важна улога во сезоната и во создавањето на успехот.

Финалето во Истанбул го следеа околу 20 илјади навивачи на Астон Вила, кои турскиот град симболично го нарекоа „Астонбул“. Прославата на трофејот продолжува и во Бирмингем, каде за клубот е организирана голема парада.

Пред натпреварот, поддршка за Астон Вила испрати и холивудскиот актер Том Хенкс, кој важи за голем навивач на клубот.

„Ова е Том Хенкс од Соединетите Американски Држави и размислувам само за едно — напред Вила“, порача актерот во кратко видео обраќање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот