ФОТО | „Новата гордост“: Прекрасните елени на Галичица низ објективот на Тоше Огњанов
Елените во Националниот парк Галичица се гордост на ова заштитено подрачје, а нивната убавина деновиве беше доловена низ објективот на фоторепортерот Тоше Огњанов.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Огњанов објави серија впечатливи фотографии на кои се прикажани елени во репродуктивниот центар за европски елен, додека мирно се движат низ снежниот пејзаж на Галичица. Кадрите, кои потсетуваат на бајковита сцена, ја истакнуваат хармонијата меѓу дивите животни и природата во зимски услови.

Како што сподели самиот автор, имал можност да помине неколку часа со ренџерот Лазе и неговите помошници, Кире и Јане, кои секојдневно се грижат за елените. Според неговите зборови, тие кон животните се однесуваат „како кон семејство“, обезбедувајќи им постојана грижа и заштита.
„Неколку дена се мислев кои фотографии да ги објавам, но толку се интересни и мили, што речиси сите ви ги покажувам. Елените – новата гордост на Галичица“, напиша Огњанов во објавата на социјалните мрежи.

Репродуктивниот центар за европски елен се наоѓа на локалитетот „Косто бачило“, на површина од околу 90 хектари. Во моментов во центарот живеат околу 100 единки, а дел од стадото во наредниот период е планирано постепено да биде пуштано надвор од оградениот простор, со цел приспособување и враќање во природната средина.
Европскиот елен е вид со изразена социјална структура. Мажјаците имаат силно развиени рогови, додека женките се движат во крда предводени од доминантна женка. Тие живеат во листопадни шуми и планински предели, а како тревопасни животни најчесто пасат на шумските ливади и ги брстат лисјата од дрвјата и грмушките.

Нивната реинтродукција во Паркот има клучна еколошка улога. Присуството на елените придонесува за одржување на високопланинските пасишта и спречување на сукцесивните процеси, кои во последните години се интензивирани поради намалениот обем на сточарството. Зголемената биомаса на тревната вегетација, според стручните служби, претставува и сериозна опасност од пожари на отворено.
Во рамки на репродуктивниот центар е изградена целосна инфраструктура за грижа и мониторинг на животните. Центарот располага со објект за складирање зрнеста и кабаста храна, со која елените континуирано се прихрануваат во текот на целата година, како и со простории за вработените кои секојдневно се грижат за нив. Поставени се десетина хранилки, голема локва – поилиште за вода, шест двотонски цистерни за складирање вода, мал внатрешно ограден простор за одвојување на единки пред нивно пуштање во дивина, како и целосен видеонадзор.

Од Јавната установа Национален парк Галичица нагласуваат дека елените не се пуштаат за ловни активности. Нивната улога е исклучиво во активно управување со екосистемите и зачувување на високопланинските пасишта, кои низ историјата се одржувале со напасување, косење и други традиционални практики.
Бидејќи не е реално да се очекува враќање на традиционалниот начин на сточарење, преку повторното внесување на европскиот елен, Паркот се обидува да обезбеди алтернативен и одржлив модел за зачувување на биолошката разновидност и пределските вредности.
Дополнително, зголеменото присуство на елени во природата и можноста тие да се набљудуваат во дивина значително ја зголемува атрактивноста на Галичица како туристичка дестинација. Според надлежните, тоа ќе придонесе и за поголем број посетители, но и за подигнување на јавната свест за значењето на заштитата на природното наследство.


