ФОТО | Неонацист од Лондон е прогласен за виновен – подготвувал терористички напад и составил „листа за отстрел“
Неонацистот Алфи Колман, кој составил „листа за отстрел“ на купувачи и колеги во супермаркетот „Теско“ во Лондон, каде што работел, е прогласен за виновен за подготовка на терористички дела, објави Скај Њуз.
Препорачано
Колман имал само 19 години кога бил уапсен во акција на службата МИ5, додека се обидувал да купи полуавтоматски пиштол „Макаров“, пет шаржери и 200 парчиња муниција со 3.500 фунти што ги заштедил од хонорарната работа.
Листа за отстрел и десничарска идеологија
На судот „Олд Бејли“ во Лондон било кажано дека на списокот со луѓе кои го „вознемириле“ ги ставил и некои од своите поранешни колеги и купувачи, нарекувајќи ги „расни предавници“ затоа што имале партнери кои не биле белци. Покрај нивните имиња ги бележел и регистарските таблички на нивните автомобили.
Еден од записите на списокот се однесувал на касиерка чиј сопруг бил од мешана раса. Колман ја запишал марката и бојата на нејзиниот автомобил и додал опис дека има „кратка руса коса со розови прамени“.

Обвинителите навеле дека бил затруен со екстремна десничарска идеологија, што вклучувало величење на Адолф Хитлер и терористи како Томас Меир, кој во 2016 година со пиштол и нож ја уби пратеничката Џо Кокс.
Службениците за борба против тероризмот изјавиле дека Колман, од селото Грејт Нотли во Есекс, се обидувал да набави автоматско оружје, што укажува дека планирал да изврши масовно пукање, а како можни цели разгледувал и џамии.
Апсење на паркинг
Пред апсењето, со месеци, без да знае, комуницирал со тајни агенти на МИ5 преку шифрирани апликации. Полицајци вооружени со електрошокери го опколиле на 29 септември 2023 година на паркингот на супермаркетот „Морисонс“ во Стратфорд.
Видеоснимка од апсењето го прикажува како, пред шокирани купувачи, паѓа на колена и легнува на земја додека му ставаат лисици. Бил уапсен неколку секунди откако оставил готовина во просторот за нозете на совозачкото седиште на „Ленд ровер дискавери“ и од багажникот зел торба во која се наоѓал деактивиран пиштол.
Две судења и пресуда
Колман, кој сега има 21 година, претходно ја признал вината за обид за поседување забрането огнено оружје и муниција, како и за 10 точки од обвинението за поседување материјали што би можеле да им користат на терористи. Меѓу материјалите имало документи како „Прирачник на белиот отпор“, „Прирачник за терористички експлозиви“ и „21 техника на тивко убивање“.
Меѓутоа, тој негирал дека планирал терористички напад. На првото судење минатата година поротата не можела да постигне согласност околу таа точка од обвинението, откако Колман изјавил дека сега му е „непријатно“ и дека се „срами“ од ставовите што ги изнесувал.
Неговата адвокатка Тана Адкин тврдела дека бил „осамен тинејџер“ кој се изолирал за време на пандемијата на ковид-19 и дека, иако бил „опседнат со набавка на оружје“, никогаш никого не би убил. По повтореното судење, поротата го прогласила за виновен за подготовка на терористички дела.
Подготвувал напад во Франција
Колман го привлекол вниманието на полицијата и на службата МИ5 летото 2023 година, кога станал сè поактивен во екстремно десничарски интернет-групи и почнал да се распрашува за набавка на оружје. Тајните агенти ја стекнале неговата доверба и разговарале за набавка на автоматска пушка „Шкорпион“ и „АК-47“, како и муниција, кои планирал да ги преземе во северна Франција.
Фланаган рекла дека истражувал патување во Франција и, „прилично злокобно“, пребарувал локации на џамии во таа област.
„Веруваме дека размислувал за напади врз тие џамии“, додала таа.
Договорил патување во Франција за 6 септември, но не го реализирал. Затоа тајните агенти договориле да му продадат полуавтоматски пиштол „Макаров“ за 3.500 фунти, кои ги заштедил работејќи во „Теско“.
Родителите не се сомневале во ништо
Полицијата соопштила дека Колман бил во „напредна фаза на радикализација“ и планирање напад, поради што службениците морале „да преземат итни чекори за да ја заштитат јавноста“ и да го уапсат во драматична акција на паркингот.
Во неговиот дом биле пронајдени предмети како колекција ножеви, шише со крпа што можело да послужи како молотов коктел и знамиња поврзани со нацистичките СС-единици. Во белешките што ги пишувал во затвор, Колман цртал оружје и неонацистички симболи, вклучувајќи свастика, го цитирал водачот на култот Чарлс Менсон и напишал: „Под никакви околности нема да ја издадам својата раса за помала затворска казна“.

Надзорничката Фланаган рекла дека Колман немал претходни контакти со полицијата ниту бил пријавен во програмата за дерадикализација „Привент“.
„Апсолутно немаше докази дека неговите родители имале какви било сознанија за тоа што гледал, во што се вплеткал и каков бил неговиот начин на размислување“, изјавила таа.
„Ниту насетувале дека негува толку опасен и токсичен интерес за екстремна десничарска идеологија“, додала Фланаган.
Британија предупредува на можни терористички напади на Кипар


