ФОТО | Најсликовитата рута во Европа: Осумчасовна тура со воз низ швајцарските Алпи
Возот „Глејшр експрес“ на своите патници им овозможува едно од најатрактивните панорамски патувања со воз во светот, низ швајцарските Алпи. Оваа железничка линија ги поврзува Цермат и Сент Мориц, а возот намерно се движи бавно за патниците да имаат доволно време да уживаат во пејзажите и погледите кон планинските врвови, длабоките кањони и живописните алпски села.
Препорачано

Спектакуларното патување, од Цермат до Сент Мориц, трае приближно осум часа. Рутата на возот „Глејшр експрес“ е долга околу 291 километар и се смета за една од најсликовитите во Европа. Иако го носи името „Експрес“, овој воз не е брз, не само што се движи бавно, туку застанува и на бројни места, што особено ќе им одговара на оние кои не сакаат да одвојат цел ден за возење со воз, објави „Пункуфер“.
Цените на билетите се движат од 44 до 159 швајцарски франци (приближно 47 до 170 евра), секако во зависност од должината на релацијата.

Патувањето најчесто започнува во Цермат, место кое секако заслужува ден или два од вашето време. Иако по целата рута се менуваат спектакуларни алпски визури, една од највпечатливите точки е превојот Обералп, воедно и највисоката точка на оваа линија, која се наоѓа на 2.033 метри надморска височина и минува покрај езерото Обералпзе.
По превојот, возот ја следи реката Рајна низ долината Сурселва, опкружена со шуми и високи планински врвови. На овој дел од патот особено се истакнува Рајнската клисура, опкружена со галерија од импресивни карпести формации.

На рутата се наоѓа и прочуениот вијадукт Ландвасер, еден од најпрепознатливите железнички мостови во Швајцарија. Пристигнувањето до вијадуктот им се најавува однапред на патниците, за да бидат подготвени за фотографирање.
Многу патници своето патување со „Глејшр експрес“ го завршуваат во Сент Мориц, познато алпско одморалиште. Тука е задолжителна барем кратка прошетка покрај езерото Сент Мориц, кое се наоѓа веднаш пред железничката станица, а доколку имате време и буџет, вреди да се поминат и неколку дена во ова луксузно алпско одредиште.


„Глејшр експрес“ на својата идилична рута ги обединува љубителите на возови и љубителите на планински пејзажи. Доколку планирате посета на Цермат или Сент Мориц, одвојте еден ден за ова патување низ планинските чуда.


