ФОТО | Луѓето пред 1,6 милиони години биле вешти месари – научниците пронајдоа докази за нивните напредни вештини
Новото истражување на научниците открива дека нашите предци не биле само среќни мршојадци кои ги јаделе остатоците од угинатите животни. Напротив, тие биле организирани „месари“ кои стратешки ги избирале најдобрите парчиња месо и ги пренесувале на безбедни локации, пишува „Физ.орг“.
Препорачано
Докази вредни 1,6 милиони години
Научниците проучувале повеќе од 1.000 фосилизирани примероци од коски, претежно од антилопи и други животни што пасат, пронајдени на локалитетот Куби Фора во Кенија. Со помош на микроскопи со висока моќност, тие откриле прецизни траги од камени алатки токму на средината на коските од нозете. Овој клучен доказ значи дека луѓето стигнувале до пленот додека на него сè уште имало изобилство од месо, престигнувајќи ги другите предатори.
Најинтересниот заклучок од студијата е дека нашите предци практикувале еден вид праисториска „достава“ на храна. На наоѓалиштето има најмногу коски од нозе (најмеснатите делови), а многу малку черепи или ’рбети. Наместо да јадат на местото на уловот, тие ги отсекувале најдобрите делови и ги носеле во засолништа близу вода. Коските не само што биле чистени од месо, туку и намерно кршени со камени чекани за да се стигне до хранливата коскена срцевина.
Гориво за еволуција на мозокот
Истражувачите веруваат дека овој сигурен пристап до висококвалитетна храна (протеини и масти) бил „горивото“ што го овозможило растот на човечкиот мозок низ вековите. Оваа стратегија на споделување и обработка на ресурсите најверојатно ги поставила и темелите на првите комплексни социјални однесувања кај луѓето.


