ФОТО: Лажни слики од апсењето на Мадуро и од „славењата“ во Венецуела го преплавија интернетот
Неколку минути откако Доналд Трамп во саботата рано наутро најави „масовен удар“ врз Венецуела, социјалните мрежи беа преплавени со лажни и манипулативни содржини создадени со вештачка интелигенција. Се појавија фалсификувани фотографии на кои се гледа како американски агенти го изведуваат Николас Мадуро од авион, снимки од наводно еуфорични Венецуелци кои излегуваат на улиците на Каракас, како и видеа со ракети што паѓаат врз градот, сите тие лажни, објави „Гардијан“.
Препорачано
Фабрикуваните содржини се мешаа со вистински видеа и фотографии од американски авиони над венецуелската престолнина и експлозии што го осветлуваа ноќното небо.
САД тивко ги намалија обвиненијата против Мадуро: Повеќе не го сметаат за водач на наркокартел
Недостигот од проверени информации за акцијата, заедно со сè понапредните можности на алатките за вештачка интелигенција, го отежнаа разликувањето меѓу факт и фикција во врска со упадот во Каракас.
До моментот кога Трамп објави автентична фотографија од Мадуро – со врзани очи, лисици на рацете и облечен во сива тренерка, на бродот-носач „УСС Иво Џима“ – лажните фотографии на кои се појавуваат агенти на американската Агенција за борба против дрога (ДЕА) веќе станаа вирални. На платформите „Икс“, „Инстаграм“, „Фејсбук“ и „Тикток“, овие фотографии биле прегледани и споделени милиони пати, според податоците на страницата за проверка на факти „Њузгард“.
Винс Лаго, градоначалникот на Корал Гејблс во Флорида, ја сподели лажната фотографија на која Мадуро е придружуван од агенти на ДЕА на „Инстаграм“, наведувајќи дека венецуелскиот претседател „е лидер на нарко-терористичка организација што ја загрозува нашата земја“.
Објавата на Лаго собра повеќе од 1.500 допаѓања.
Алатките за откривање манипулирани содржини, како пребарување на слики во обратна насока и специјализирани сајтови за детекција на содржини создадени со вештачка интелигенција, можат да помогнат при проценка на автентичноста на онлајн-содржините, но нивната ефикасност не е секогаш сигурна.
Софија Рубинсон, уредничка која се занимава со дезинформации и теории на заговор во Њузгард, за „Гардијан“ изјави дека лажните слики од Каракас многу наликуваат на реални настани, што дополнително го отежнува утврдувањето на вистината.
– Многу од содржините создадени со вештачка интелигенција или извадени од контекст, кои моментално ги преплавуваат социјалните мрежи, не ги искривуваат драстично фактите на теренот. Сепак, употребата на фабрикувани визуелни материјали и драматични снимки, извадени од контекст, се користи за пополнување на празнините во известувањето во реално време и претставува уште една тактика во војните на дезинформации, и тоа тактика што е потешка за разоткривање бидејќи визуелните материјали честопати изгледаат како да ја одразуваат реалноста – вели Рубинсон.
„Њузгард“ во понеделникот попладне објави извештај во кој идентификува пет слики коишто се фабрикувани и извадени од контекст, како и две видеа поврзани со воената операција во Венецуела. Една од фотографиите, создадени со вештачка интелигенција, прикажува војник како позира покрај Мадуро, кој има црна вреќа преку главата.

Едно од видеата, пак, прикажува хеликоптер на американските специјални сили како се спушта на наводна венецуелска воена локација, но всушност снимката е направена во јуни во воената база Форт Брег во Северна Каролина.
Покрај тоа, на интернет кружат и снимки од претходни настани, кои лажно се прикажуваат како дел од саботниот напад.
Лора Лумер, крајно десничарска инфлуенсерка и блиска сојузничка на Трамп, објави видео на „Икс“ со постер од венецуелскиот претседател, тврдејќи дека „народот на Венецуела ги кине постерите на Мадуро“. Според „Вајрд“, снимката потекнува од 2024 година, а Лумер подоцна ја избриша објавата.

Друг десничарски инфлуенсер и теоретичар на заговори, Алекс Џонс, објави воздушно видео на кое се гледаат илјадници луѓе како слават во Каракас.
„Милиони Венецуелци ги преплавија улиците на Каракас и другите големи градови за да го прослават симнувањето на комунистичкиот диктатор Николас Мадуро. Сега треба да ја видиме истата енергија и овде, на домашниот фронт!“, напиша Џонс.
Вашингтон и Каракас разговараат за извоз на венецуелска нафта во САД


