Фото: Слободан Ѓуриќ / „Слободен печат“

ФОТО | Емотивен концерт на „Црвена јабука“ во Скопје: „Старомодниот“ Жера мајсторски ја одржува групата во мода 40 години

Љубовните песни, топлиот глас и имиџот на фронтменот Дражен Жериќ-Жера кој остана ист, ја одржаа „Црвена јабука“ 40 години на сцената. Бендот кој во 1985 година во Сараево го основа група млади ентузијасти, денес делува од Загреб и има нова постава, има нови „членови“ и меѓу фановите.

Во право беше Жера кога еднаш рече дека кај „Јабука“ се менуваат само првите редови на концертите. Сношти, во салата „Борис Трајковски“ младата публика беше најбројна пред сцената. Повеќето од нив не се родиле кога првиот пејач на бендот, починатиот Дражен Ричл-Зијо кој со басистот Аљоша Буха загина во сообраќајка во 1986, ја напишал „Туго несречо“.

Фото: Слободан Ѓуриќ / „Слободен печат“

А имаше и помлади од хитот „Некако с’прољеча“, снимена во 1991 со Кемал Монтено, на последниот предвоен албум на бендот. Во чест на Зијо и првиот и за жал единствен негов албум со „Црвена јабука“, тука се секогаш „Дирлија“, „Бјеќи кишо с прозора“, но и „Нек те он љуби“, чии стихови се напишани на гробот на музичарот кој загина на 24 години.

Жериќ тогаш беше клавијатурист во бендот, и откако првично се договорија да издадат само уште еден албум како сеќавање на другарите, по големата популарност, „Црвена јабука“ продолжи во 1987. И со Жера остана до денес. Преживеа војна која повеќето членови jа поминаа во Сараево, распад на држава, кус распад на бендот и повторно обединување. Никако не смее да се заборави дека гитаристот Златко Арсланагиќ-Злаја, кој е основач на групата заедно со Дражен Ричл, ги напиша сите поголеми хитови до 1991. Тој денес живее во Канада и е повлечен од музиката.

Фото: Слободан Ѓуриќ / „Слободен печат“

Концертот симболично се одржа на 29 ноември, некогашниот Ден на републиката, па во публиката имаше и по некое југословенско знаме, маици со карта од поранешна Југославија и маици со логото на бендот.

Жера не го заборава својот Кемо (Кемал Монтено) ниту својот Давор (Даворин Поповиќ од „Индекси“) па во нивна чест ја пее „Бацила је све низ ријеку“. Кемал Монтено е автор на текстот на една од најтажните љубовни балади во Југославија од „Индекси“ која „Црвена јабука“ ја преработи во 1991. Но, не го забораvи ниту Халид Бешлиќ па му посвети песна, а во истата ги спомена и Бора Чорба, Ѓорѓе Балашевиќ, Аки Рахимовски, Масимо Савиќ и други легенди.

Фото: Слободан Ѓуриќ / „Слободен печат“

Феноменот на „Црвена јабука“ е што не треба ништо спектакуларно да се случи на сцената, за на концертот да има добра атмосфера. Доволни се песните, и доволно е Жера да рече: -Одиме за љубовта, одиме јако, можеме да ли да ги вклучиме телефоните и запалките? Сакајте се, љубете се – и тргнуваат вресоци.

За себеси, тој вели дека е едноставен и старомоден човек, дека не признава ништо што е вештачко или „фенси“ во денешно време. Ама ете, „старомодниот“ пејач мајсторски го одржува бендот во мода 40 години и полни сали во регионот и во дијаспората.

Фото: Слободан Ѓуриќ / „Слободен печат“

-Чувајте ја Македонија – знае да порача тој на крајот од концертите кога обично ја пее преработката на „Ако умрам ил загинам“ од Јонче Христовски.

Овојпат, ја спои со „Македонија“ од „Тајм“, и со „Јовано Јованке“ која одлично ја испејаа придружните вокали. И тоа е едно од искрените нешта кај Жериќ. Тој не ја испеа популарната македонска народна песна за да ѝ се додвори на публиката. Едноставно, Жера не пее ништо што мисли дека не одговара на неговиот вокал. Уживаше во нејзиниот ритам, и им ја препушти на женските пејачки и на публиката.

Фото: Слободан Ѓуриќ / „Слободен печат“

„Јабука“ заработи три биса, а на крајот, почестија со микс од балади кои само вистинските фанови не ги заборавиле, а ретко се пеат на концертите.

Концертот го организираше продукцијата „Прагма“. Го отвори младата пејачка Тамара Волческа со одличен избор на песни, главно од екс-југословенската сцена од 1980-тите, како најдобра увертира за еден од најдобрите концерти на „Црвена јабука“ кај нас.

Фото: Слободан Ѓуриќ / „Слободен печат“
Фото: Слободан Ѓуриќ / „Слободен печат“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот