Фото: Instagram / Banksy

ФОТО | Два идентични мурали од Бенкси се појавија во Лондон

Светски познатиот уличен уметник Бенкси на социјалните мрежи потврди дека стои зад новиот мурал што се појави во Бејсвотер, западен Лондон.

Сликата прикажува две деца како лежат на земја облечени во чизми, палта и зимски волнени капи, едното од нив покажува нагоре кон небото. Насликана е на ѕид над ред гаражи на Квинс Мјуз и првпат е забележана во понеделник, пишува Би-би-си.

Фото: Instagram / Banksy

Би-би-си дознава дека Бенкси е одговорен и за идентичен мурал што се појави пред кулата Центар Поинт во центарот на Лондон во петокот, иако неговите претставници само потврдија дека делото на Бејсвотер е негово.

Уметникот, чиј идентитет не е јавно познат, го објави своето ново дело објавувајќи слика на својот инстаграм-профил.

Црно-белиот мурал прикажува две деца како лежат на грб и покажуваат нагоре. Детето најблиску до камерата носи волнена капа со рацете во џебовите на јакната. Зад нив поголема личност покажува со прстот нагоре облечена во капа со рогови (веројатно капа од типот на Дедо Мраз) и чизми.

Фото; Instagram / Banksy

Зборувајќи за муралот во Центар Поинт, уметникот Даниел Лојд-Морган изјави за Би-би-си дека верува дека локацијата е избрана за да се истакне проблемот со бездомништвото кај децата.

– Сите се забавуваат добро, но има многу деца кои не се забавуваат добро на Божиќ – рекол тој.

Лојд-Морган рече дека луѓето што минуваат покрај уметничкото дело „го игнорираат“, додавајќи: „Тоа е прометна област. Доста трогателно е што луѓето не застануваат. Тие минуваат покрај бездомници и не ги гледаат како лежат на улица.“

Фото: CARLOS JASSO / AFP / Profimedia

– Како да гледаат ѕвезди. Сосема е соодветно што децата покажуваат нагоре како да гледаат во Северната Ѕвезда – додал тој.

Ентузијастот за Бенкси, Џејсон Томкинс, рече дека исто така верува дека тоа е „јасна изјава за бездомништвото“.

Инак, кулата во Центар Поинт, на улицата Њу Оксфорд број 101-103, е историска фокусна точка за протестите за домување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот