ФОТО | Доделени наградите САГ: „Опенхајмер“ – најголем победник на вечерта

Фото: EPA

Синоќа се случи 30. доделување на филмските награди на Здружението на филмските актери – САГ, на кое беа доделени признанија за одличноста на професионалците од филмската и телевизиската индустрија. Свечената церемонија се одржа во салата „Шрајн аудиториум“ во Лос Анџелес, САД. Годинава немаше официјален водител на настанот, но актерот Идрис Елба ја имаше честа да ја отвори церемонијата.

Филмот „Опенхајмер“ „Oppenheimer“ ја продолжи својата доминација во сезоната на награди и освои неколку важни статуетки на годинашните САГ награди. Последното дело на режисерот Кристофер Нолан освои награда за најдобра актерска екипа, најдобар актер во главна улога (Килијан Марфи) и најдобар актер во споредна улога (Роберт Дауни Помладиот).

Прифаќајќи ја главната награда во име на актерската екипа, Сер Кенет Брана рече дека сите се „благодарни и горди“.

Вечерта беше исполнета со забелешки за штрајкот на актерите, кој минатата година го доведе Холивуд во застој.

Оддавајќи му почит на синдикатот на американските актери, Сер Брана рече: „Ви благодариме што се боревте за нас, му благодариме за секој член на Здружението на филмските актери, чија поддршка ни овозможи да бидеме тука – уште подобри од претходно“.

Актерската екипа на „Опенхајмер“ / Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Наградата за најдобра актерска екипа се смета за врвна чест на наградите САГ во отсуство на категорија за најдобар филм. За победниците на годишната церемонија гласаат други актери.

Ирскиот актер Килијан Марфи рече дека неговата победа „му е исклучително важна“ бидејќи ја добил поради своите колеги во Холивуд.

„Пред дваесет и осум години, кога се обидував да станам актер, бев неуспешен музичар и се чувствував како екстремен губитник. Но, гледајќи ве сите вас вечерва, знам дека сум дел од нешто навистина прекрасно. Ви благодарам многу“.

Килијан Марфи / Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Актерката Лили Гладстон ја освои наградата за најдобра актерка за главната улога во филмот „Убијци на цветната Месечина“ („Killers of the Flower Moon“).

„Ова беше тешка година за сите нас. Јас сум толку горда што дојдовме овде во знак на солидарност со сите наши други синдикати“, рече таа за време на нејзиниот говор.

Лили Гладстон / Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Актерката додаде: „Навистина е подарок тоа што го правиме ова како наша животна професија“.

Ѕвездата на филмот „Остатоците“ („The Holdovers“)Дејвајн Џој Рендолф победи во категоријата за најдобра актерка во споредна улога. Таа веќе освои неколку статуетки во истата категорија и на други престижни настани во годинашната сезона на награди, а многу е веројатно дека ќе ја освои и филмската награда Оскар.

„Се будам секој ден благодарна што сум актерка. Во која друга професија луѓето можат да живеат толку многу животи и да допрат толку многу срца на оние што никогаш не ги сретнале?“, изјави таа.

Дејвајн Џој Рендолф / Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Победниците во сите категории можете да го прочитате тука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот