ФОТО | Да наздравиме за 2026: Новогодишни коктели од бармените на „Џезбина“
Коктел барот „Џезбина“, кој се наоѓа во Градскиот трговски центар, е вистински мал времеплов. Штом ќе влезете внатре, имате чувство дека сте се вратиле во 1920-тите – во време на џез, пригушени светла и коктели што се пиеле со стил.
Препорачано
Токму во таква атмосфера, за новогодишниот специјал на Слободен печат, барменот Вања Головски подготви три коктели инспирирани од класичната коктел-култура. Како што објаснува Головски, приказната започнува со „Марципан“, продолжува со „Старомоден“, а се заокружува со „Маџир маало“ – коктел посветен на старите скопјани. Иако лесни за изработка, овие коктели ги влечат своите корени од безвременските класици „Менхетен“, „Олд фешнд“ и „Амарето саур“, што ги прави идеален избор и за дочекот на 2026 година.
„Марципан“
Потребни состојки:
- 45 мл Дисароно
- 30 мл свежо цеден сок од лимон
- 2 капки ангостура битер
- 1 белка од јајце
Подготовка:
Сите состојки се ставаат во шејкер и најпрво се протресуваат без мраз, за да се добие фина и кремаста текстура. Потоа се додава мраз и повторно се шејка неколку секунди. Коктелот се процедува во чаша и се сервира.

„Старомоден“
Потребни состојки:
- 50 мл зачинет рум
- 10 мл ликер од мадагаскарска ванила
- 3 мл сируп од путер од кикирики
- 2 капки битер од орев
Подготовка:
Сите состојки се ставаат во микс-чаша со мраз и се мешаат со бар-лажица додека коктелот добро не се излади и вкусовите не се соединат. Потоа се процедува во чаша и се сервира.

„Маџир маало“
Потребни состојки:
- 50 мл виски од ‘рж
- 25 мл антика формула вермут
- 10 мл Педро Хименез шери
- 2 капки ангостура битер
Подготовка:
Сите состојки се ставаат во микс-чаша со мраз и се мешаат со бар-лажица додека коктелот убаво не се излади. Потоа се процедува во чаша.
Декорација:
- Кандирана цреша



