ФОТО: Бериша иницираше насилни протести во Тирана, САД, ЕУ и ОБСЕ ги осудија насилствата

Фото: Gent SHKULLAKU / AFP / Profimedia

Во организација на поранешниот албански претседател, премиер и исторски лидер на опозициските демократи, Сали Бериша, денеска во Тирана беше одржан најавен протест, во обид насилно да го заземат партиското седиште.

 Протестот премина во насилен, поради што полицијата мораше да употреби солзавец и водени топови, јави дописничката на МИА од Тирана.  

На партиската зграда се искршени прозорци и врати, а предизвикана е и голема материјална штета, поради што полицијата беше принудена да го опколи објектот со жолта лента, бидејќи, како што соопшти, зоната се смета за криминално сценарио.  

Има повредени демонстранти, но и поголем број приведени, а главната обвинителка Елизабета Имерај рече дека секоја ситуација ќе се следи и дека одговорните ќе одговараат пред законот. 

Има и повредени демонстранти на протестите во Тирана/Фото: Gent SHKULLAKU / AFP / Profimedia

Бериша изјави дека денешниот протест е само првата страница од она што се очекува да се случи, обвинувајќи го притоа и премиерот Еди Рама. 

– Ова е вистинската опозиција, ние сме непобедливи во вредностите во кои веруваме, тоа е битка која никогаш нема да заврши, ова што го видовте денес е само нејзина прва манифестација. Ништо не не спречува, ова е прва страница, албанското општество ќе биде ослободено од оваа нарко држава како најлоша форма на диктатура. Водачот на медузата, Еди Рама, денеска ги искористи сите средства за да го спаси Лул Брава (актуелниот лидер на демократите Љуљзим Баша), рече Бериша. 

 Тој, поддржан и од повеќе актуелни пратеници-демократи најави многу помасовни и посилни протести, не само за ослободување на партијата од Баша, туку и за спас на Албанија.  

Демонстрантите го нападнаа седиштето на Демократската партија во Тирана/Фото: Gent SHKULLAKU / AFP / Profimedia

Расколот во опозициската партија почна откако Баша го исклучи Бериша од пратеничката група, по барање на американската амбасадорка Јури Ким, поради прогласувањето за персона нон грата од страна на САД.  Потоа одделно Бериша одржа Национален совет и референдум за разрешување на Баша од лидерската функција, додека тој, пак, на седница на Националниот освет го исклучи него од сите партиски структури.

За денешниот протест беа ангажирани над илјада полицајци, кои беа распоредени пред Владата и Парламентот.

Расколот во опозициската партија почна откако Баша го исклучи Бериша/ Фото: Gent SHKULLAKU / AFP / Profimedia

Во врска со тензиите во опозицската Демократска партија(ПД), кои денеска ескалираа со насилство, реагираа американската амбасадорка, Јури Ким, делегацијата на ЕУ и мисијата на ОБСЕ во Тирана, јави дописничката на МИА од Тирана.

– САД се длабоко загрижени поради ескалацијата на тензиите во седиштето на Демократската партија и употребата на сила од страна на демонстрантите. Ги повикуваме организаторите на протестот да го отфрлат насилството и да покажат смиреност. Оние кои поттикнуваат насилство или го поткопуваат владеењето на правото ќе одговараат, напиша на Твитер амбасадорката Ким.

За денешниот протест беа ангажирани над илјада полицајци/Фото: Gent SHKULLAKU / AFP / Profimedia

Во објава на Фејсбук, Делегацијата на ЕУ во Тирана ги осудува актите на насилство, истовремено нагласувајќи дека на Европската унија и треба солидна опозиција која придонесува за реформската агенда на земјата.

– Делегацијата на Европската унија ги осудува актите на насилство што се случија денеска и ги повикува сите вклучени актери на смиреност и воздржаност. Во политиката не треба да има простор за насилство. Сите инволвирани имаат одговорност да обезбедат демонстрациите да се одржат на мирен начин и да ја осигураат безбедноста на сите присутни. Патот на Албанија кон интеграцијата во ЕУ има потреба од солидна опозиција која ќе придонесе за реформската агенда на земјата, одговарајќи на аспирациите на албанскиот народ, чие огромно мнозинство сака да ја види Албанија во ЕУ, се вели во соопштението на делегацијата на ЕУ.

Повредени на протестите во Тирана/Фото: Gent SHKULLAKU / AFP / Profimedia

Мисијата на ОБСЕ порачува дека мирните протести се темел на демократијата и повикува на воздржаност.

– Мисијата на ОБСЕ со посебно внимание ги следи денешните случувања пред седиштето на Демократската партија. Ги повикуваме сите вклучени актери да се воздржат од каков било акт на насилство и ја поздравуваме ангажираноста на полицијата за одржување на јавниот ред. Мирните протести се темел на демократијата, стои во соопштението на ОБСЕ.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот