ФОТО | Барал црви во близина на Стокхолм, па случајно ископал 20.000 сребрени средновековни монети
Човек кој барал црви во близина на Стокхолм случајно пронашол ризница од 20.000 сребрени монети измешани со бисери, приврзоци и сребрени прстени.
Препорачано
Според соопштението на Управниот одбор на округот Стокхолм, откриеното богатство датира од раниот среден век и тежи околу шест килограми, пренесува списанието „Лајв саенс“ (Live science).
Копачот на црви, кој го пронашол богатството покрај својата летна куќа, го пријавил наодот кај локалните власти, а сребрените монети и накит, кои биле сместени во бакарен котел кој со текот на времето во голема мера пропаднал, сега ги испитуваат археолозите.
„Ова е веројатно едно од најголемите сребрени богатства од раниот среден век што е пронајдено во Шведска. Сè уште не знаеме точно колку монети има, но мислам дека би можело да има повеќе од дваесет илјади“, се вели во соопштението
Прелиминарната анализа покажа дека повеќето сребрени монети датираат од 12 век. Некои носат текст „Kanutus“, што е латинско име за Кнут, што укажува дека монетите биле ковани за време на владеењето на шведскиот крал Кнут Ериксон, кој владеел од 1173 до околу 1195 година.

Меѓу пронајдените монети, некои претставуваат реткост, вклучувајќи неколку „бискупски монети“ кои биле ковани од моќни бискупи, се наведува во соопштението.
Овие монети прикажуваат бискуп кој држи пастирски стап што свештенството го користело како симбол на нивната црковна работа.
Управниот одбор на округот Стокхолм ќе го пријави наодот до Националниот одбор за наследство, кој ќе одлучи дали државата ќе му надомести штета на човекот кој го пронашол ова депо.


