Финалистите ја најaвија битката во Истанбул: Гвардиола го сонува трофејот, Инзаги ја препушта фаворитската улога

Утре се игра големото финале во Лигата на шампионите, а Пеп Гвардиола и Симоне Инзаги ги искажаа своите очекувања пред утрешната пресметка.
Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола порача дека освојувањето на Лигата на шампионите сон за неговите избраници и одлучни се во намерата да стигне до трофејот кој им недостасува.
„Нашата желба, нашиот сон, на сите нас е освојување на Лигата на шампионите. За да го оствариш својот сон, мораш да имаш опсесија“, го најави Гвардиола утрешниот дуел.
За Манчестер Сити ова ќе биде второ финале во Лигата на шампионите по поразот од Челси во 2021 година.
„Знаеме колку е ова натпреварување важно за сите нас и сигурно дека секој што ќе биде на теренот ќе го даде својот максимум. Ако ја погледнеме историјата, Интер веќе има три титули, но тоа не е сега важно. Најважно е како ние ќе одиграме во Истанбул“, изјави Гвардиола.
Симоне Инзаги од спротивната страна е свесен за квалитетот на противникот и фаворитската улога ја препушта на „граѓаните“.
„Прекрасно е чувството да бидете во финалето, но не сакаме тука да застанеме. Сакаме ова финале да го одиграме на најдобар можен начин. Кој е фаворит? Па тие се најсилниот тим во светот во овој момент, меѓутоа на теренот сме 11 на 11. Ќе биде потребно мнгоу срце, храброст и мирна глава да останеме во игра“, истакна Инзаги.
Финалето се игра утре во терминот од 21:00 часот, а во него Сити ќе се обиде да дојде до својата прва титула во ЛШ, Интер веќе се радуваше на три.