Филков: Правото на протест е демократско право, но никој нема право преку насилни протести да бара уривање на критериумите и стандардите во правосудството
Правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата, реагира министерот за правда Игор Филков по вчерашниот протест на студентите Албанци во Скопје на кој побараа државата да им овозможи правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.
Препорачано
– Најостро реагирам на обидот полагањето на правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација. Правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата. Обидите да се прикаже законската обврска за познавање на македонскиот јазик како дискриминација се опасна манипулација со јавноста и директен удар врз уставниот поредок. Македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Република Северна Македонија и темел на институционалниот и правниот систем. Недозволиво е чувствителни теми што директно го засегаат правниот систем да се користат за собирање политички поени или за создавање меѓуетнички тензии – изјави министерот Филков.
Како што посочи тој, правосудниот испит се спроведува согласно важечките закони и професионални стандарди, а не според дневно-политички агенди или притисоци од улица.
– Правото на протест е демократско право, но никој нема право преку насилни протести да бара уривање на критериумите и стандардите во правосудството. Министерството за правда останува отворено за аргументиран институционален дијалог, но нема да дозволи девалвација на правосудниот систем, ниту поткопување на улогата на македонскиот јазик како столб на државноста и институционалниот поредок. Македонскиот јазик не е пречка — тој е обврска, уставна вредност и гаранција за функционирање на државата – вели Филков.
Неколку часа пред протестот, премиерот Христијан Мицкоски вчера се сретна со коалициските партнери од албанскиот блок, копретседателите на Вреди Билал Касами и Изет Меџити кои пред средбата најавија „добри вести поврзани со прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик“.
„Правосуден испит и на албански јазик! Наскоро со добри вести…“, напишаа Касами и Меџити во идентичната објава, без да наведат повеќе информации.
Како што соопштија од Вреди по средбата, на состанокот главниот фокус бил ставен на употребата на јазиците при полагањето на испитот, со цел да се изнајде модел кој ќе биде функционален, долгорочен и целосно усогласен со Уставот и со Законот за употреба на јазиците.
Во владиното соопштение за средбата, пак, беше наведено дека преку заеднички, мудар и достоинствен пристап се доаѓа до решенија кои значат напредок, градење на меѓусебна доверба и заедничка иднина.


