Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Националистички извици, тепачка и најави за решение на протестот на студентите Албанци за правосудниот испит

Неколку часа пред протестот, премиерот Христијан Мицкоски се сретна со коалициските партнери од албанскиот блок, копретседателите на Вреди Билал Касами и Изет Меџити кои пред средбата најавија „добри вести поврзани со прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик“.

Со пораки „Студентите не се предаваат“, „Овој јазик има маченици зад себе“, „Не ми ја допирајте иднината“, „Знаењето нема забранет јазик“, „Политиката го зароби Уставниот суд“… неколку стотици албански студенти вчера по втор пат излегоа на протест во Скопје на кој побараа да им се дозволи правосудниот испит во државата да го полагаат на албански јазик. Освен студенти од Македонија, на протестот имаше и студенти од Албанија и Косово, како и повозрасни граѓани, а беа истакнати повеќе транспаренти со политички и националистички пораки, се носеа албански знамиња, како и знамиња на ЕУ и САД и се скандираше „УЧК“.

На маргините на протестот се случи и физичка пресметка меѓу дел од демонстрантите. Неколкумина напаѓачи му се нафрлија на едно момче, пред очите на полицијата и редарите, по што дел од нив беа уапсени.

Како што информираше полицијата, три лица биле приведени поради нарушување на јавниот ред и мир.

Реагираше и заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени.

– Драги медиуми, драги граѓани. Сакам да го разјаснам мислењето во врска со инцидентот што се случил по денешниот протест. Полицијата привела три лица, еден Македонец и двајца Албанци по тепачката што се случила по денешниот протест. Би сакал да ве замолам да не паднете жртва на пропагандата и дезинформациите што циркулираат во јавноста од пропагандната машина на Муса Џафери и Блерим Беџети. Надлежните институции веќе работат на целосно расветлување на случајот и распределба на одговорности. Смиреност, разумност и одговорност се во интерес на сите – изјави Исени.

Вреди: Правосудниот ќе се полага на албански

Неколку часа пред протестот, премиерот Христијан Мицкоски се сретна со коалициските партнери од албанскиот блок, копретседателите на Вреди Билал Касами и Изет Меџити кои пред средбата најавија „добри вести поврзани со прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик“.

„Правосуден испит и на албански јазик! Наскоро со добри вести…“, напишаа Касами и Меџити во идентичната објава, без да наведат повеќе информации.

Како што соопштија од Вреди по средбата, на состанокот главниот фокус бил ставен на употребата на јазиците при полагањето на испитот, со цел да се изнајде модел кој ќе биде функционален, долгорочен и целосно усогласен со Уставот и со Законот за употреба на јазиците.

Во владиното соопштение за средбата, пак, беше наведено дека преку заеднички, мудар и достоинствен пристап се доаѓа до решенија кои значат напредок, градење на меѓусебна доверба и заедничка иднина.

Претходно, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали, одговарајќи на пратеничко прашање на Рина Ајдари од Европскиот фронт, рече дека правосудниот испит и сите други испити поврзани со него во иднина ќе се полагаат и на албански јазик и најави дека тоа ќе го покажат многу скоро пред јавноста.

– За првпат централната власт го слушна гласот на студентите и ќе го реши нивниот проблем еднаш-засекогаш – рече Сали.

Осврнувајќи се на студентските протести, Сали оцени дека тие претставуваат легитимен израз на незадоволство и право на граѓаните, додавајќи дека причините за нив се резултат на нерешени прашања од претходните години.

Дека договор за правосудниот испит да се полага на албански јазик е постигнат, потврди Меџити во изјава за Еуроњуз.

– Не само за правосудниот испит, туку се договоривме Законот за јазиците да се применува и во други области што се однесуваат на професионални испити или лиценци што треба да се добијат. Не сме побарале – се договоривме, тоа е заедничка изјава на премиерот и двата владини партнери, ВМРО и Вреди. Нека биде рок од три месеци, бидејќи има процедура: треба да се направи предлог-измена на законот, да помине во Владата и да помине во парламентот – изјави Меџити.

Меѓуетнички тензии за дефокус

Лидерот на СДСМ Венко Филипче, смета дека барањата на студентите се легитимни и оти треба да им се излезе во пресрет. Според него, нелогично е тие да студираат на албански јазик, а да не им се даде можност завршниот испит да го полагаат на албански.

Во врска со националистичките извици и пораки на протестот, Филипче вината ја лоцира во премиерот Христијан Мицкоски за кого вели дека намерно креира меѓуетнички тензии за да ја дефокусира јавноста од главните проблеми како што е блокирањето на европскиот пат на државата.

– Прашањата за јазикот и правичната застапеност беа затворени прашања со Рамковниот договор. Мицкоски намерно креира меѓуетнички тензии за да ја дефокусира јавноста. Зошто СДСМ кога беше на власт немаше ниту еден етнички инцидент? Меѓуетничките тензии целосно исчезнаа за време на нашето владеење – изјави Филипче за „Слободен печат“.

На прашањето, како ги коментира информациите дека протестот е политики организиран од страна на нивниот некогашен коалициски партнер ДУИ, Филипче одговори:

– Не знаеме кој ги организира протестите, на протестот имаше присутни и од Вреди. Барањата на студентите се легитимни и тие треба да се решат во институциите, премиерот треба да ги повика студентите на состанок, да ги слушне нивните барања, да не дозволи да стигне до протест, така се менаџира државата.

Политичка агенда на ДУИ

Со реакција за протестот се јави и лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов. Според него, присуството на граѓани од Албанија и Косово на протестот е недозволив обид за надворешно влијание врз внатрешните политички и институционални прашања на државата.

– Очигледно е дека зад овие активности стои политичката агенда на ДУИ, која по губењето на власта се обидува преку националистичка реторика, етнички тензии и вештачки кризи да предизвика дестабилизација на државата и да обезбеди политички поени. Демократски сојуз смета дека правото на употреба на албанскиот јазик мора да биде гарантирано и почитувано согласно Уставот, Охридскиот рамковен договор и законите, но истовремено мора да се зачува единствениот, функционален и ефикасен правосуден систем кој функционира на македонски јазик како службен јазик на државата. Недозволиво е правосудството да стане поле за политички и етнички конфронтации или за создавање паралелни системи кои би ја нарушиле правната сигурност и единството на институциите – порача Трајанов.

Организаторите на протестот најавија дека протестите ќе продолжат доколку нивните барања не бидат прифатени во најбрз рок и не се отвори конкретен институционален дијалог. Тие порачаа дека ќе останат на улица сè додека не добијат јасни гаранции за можноста правосудниот испит да се полага и на албански јазик.

ВИДЕО | Жестока тепачка изби на денешниот протест во Скопје, има уапсени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот