Филипче: Вакцини директно од Фајзер може да очекуваме во втора половина на 2021 година

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека склучиле договор со Бугарија, при што од секоја количина на вакцини што ќе ја добива земјата, одреден дел ќе добива и Македонија.

-Утрово бев во посета на соседна Бугарија. Присуствував на владината седница на покана на премиерот Борисов и министерот за здравство Анѓелов. Интензивно разговаравме изминатите неколку недели, имаме добри вести, а тоа е дека Бугарија како донација ќе одели слободна количина на вакцини од секоја количина која таа ќе почне да ја добива во следниот период, вели Филипче.

Покрај Бугарија што на овој начин даде поддршка, како најава за донација имаме и од Грција и од Полска.

-Бугарската влада има нарачано сосема доволна количина на вакцини и во таа смисла ќе се задоволат потребите и на нивните граѓани и ќе одделат одредена количина и за нас, рече Филипче.

Во однос на договорите со фирмите кои прават вакцини против ковид-19, Фајзер и АстраЗенека, министерот Филипче изјави дека иницијалните одговори биле дека директна количина на вакцини од Фајзер ќе се добие во втора половина на 2021 година, бидејќи Македонија е мал пазар, додека конечен одговор од АстраЗенека се уште нема.

Филипче рече и дека нема недостиг на клексанот кој се користи како антикоагулантна терапија, иако е зголемена потрошувачката за него.

Одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во Министерството за здравство, Филипче рече дека потрошувачката на клексан не е зголемена само кај нас, туку насекаде и оти се набавени доволно количини кои се дистрибуирани до сите болнички установи.

– Зголемена е потрошувачката на клексан насекаде. Така и кај нас, компанијата резервираше поголеми количини и тие се дистрибурани до сите болнички установи. Во меѓувреме, онаму каде што требаше, се даваше друга форма на хепарин. Така што криза во смила на недостаток нема, туку зголемена потрошувачка, истакна Филипче. 

Филипче соопшти и дека на некој начин епидемијата со коронавирусот стивнува и се намалува бројот на пациенти кои се јавуваат за тестирање.

-Се намалува бројот на пациенти кои се јавуваат за тестирање, што значи дека се намалува и бројот на пациенти. Доказ за тоа е се поголемиот број слободни термини и слободните болнички кревети и намалување на бројот на кревети во болничките установи, нешто што се констатираше во сите болнички установи, поточно во нивните амбуланти посебно во последната недела, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Филипче нагласи дека цело време ги следат сите индикатори, како тестирање, хоспитализации, прегледи во болниците. Сето тоа, како што рече, укажува на тоа дека на некој начин епидемијата стивнува.

Многу пати до сега во нашите лаборатории во МАНУ има констатирано мали мутации на вирусот. Мутацијата во Велика Британија е практично мутација во повеќе делови на структурата на вирусот, но тоа нема никаква улога во однос на ефикасноста на вакцината, изјави Филипче.

Тој појасни дека според одредени шпекулации, мутација во повеќе делови во структурата на вирусот,  повеќе ја зголемува трансмисијата на вирусот, бидејќи посилно се врзува за клетката домаќин.

-Многу пати до сега беше констатирано во лабораториски услови мутација на вирусот. И кај нас, во нашите анализи кои што ги лабораторијата во МАНУ има констатирано некои мали мутации. Оваа мутација за која објавија медиумите која е откриена во Велика Британија е практично мутација во повеќе делови на структурата на вирусот посебно во длеот кој што се врзува со клетката домаќин, рече Филипче во одговор на прашање.

Сепак, според неговите сознанија, тоа воопшто нема никаква улога во однос на ефикасноста на вакцината.

-Можеби има и дополнителни испитувања кои се прават, тоа што има мутација во повеќе делови во структурата на вирусот, еве има шпекулација дека можеби повеќе ја зголемува трансмисијата а во смисла на тоа да посилно се врзува за клетката домаќин заради тоа што токму во тој дел мутацијата, додаде Филипче.

Со цел поголема внимателност, Филипче потсети дека вчера се забранија летовите со Велика Британија. Сепак, посочи дека уште е рано за некаква констатација за тоа дали треба дополнитела форма на вакцина, поради оваа мутација на вирусот.

-Еве и ние бевме внимателни, вчера ги прекинавме летовите со Велика Британија така да мислам дека е се уште рано за некаква констатација во однос на тоа дали треба или не треба дополнителна форма на вакцина и така натаму, засега сметам дека не. Тоа беше пакет на мерки, освен забрана, има и задолжителна изолација од 14 дена на сите кои треба да пристигнат од Велика Британија по кој било пат, на аеродромите или по сувоземен пат. Сите кои доаѓаат и во следниот период, рече министерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот