Девојка плива во базен/Фото: Pexels / Konstantin Mishchenko

Бидете внимателни — седум инфекции што ни се закануваат од базените

Во екот на летото, речиси сè на што ќе наидете во јавните места за капење е потенцијален извор на инфекција: кабините, тоалетите, влечките, лежалките и столчињата, крпите… Во лето, топлината, влажноста, слабата периферна циркулација, тесната облека и обувките ја активираат појавата на габички.

Кои инфекции ни се закануваат?

Атлетско стапало

Една од најчестите инфекции што можеме да ја „заработиме“ е секако атлетското стапало, а главниот виновник за тоа е габичката кандида, која брзо се шири и се размножува под влијание на влагата и топлината. Многу е отпорна и опстојува долго време на влажните плочки покрај базенот, под тушевите, на лежалките, столчињата… Инфекцијата се препознава по чешањето, црвенилото, испуканата кожа помеѓу ножните прсти, белузлавите лушпи и ситните плускавци на кожата, а лесно се пренесува на другите делови на стапалото, особено на ноктите. Инфицираните нокти стануваат задебелени, имаат кафеави или бели дамки и непријатен мирис. Оваа инфекција долго се лекува.

Конјунктивит

Оваа инфекција на очите најчесто е предизвикана од вируси и бактерии што се пренесуваат преку водата, валканите раце или крпите. Конјунктивитот се препознава по црвенилото и отекувањето на очните капаци, боцкањето и чешањето во очите, како и по жолтеникавиот секрет што ги покрива трепките. За да избегнете инфекција, измијте се секојпат кога ќе излезете од базенот, не користете туѓи крпи и не допирајте го лицето со валкани раце.

Вирусни брадавици

Ако шетате боси по плочките на базенот, на стапалата веројатно ќе се формираат мали рани, кои стануваат идеални места за навлегување на вирусот. Брадавиците најчесто се предизвикани од хумано папилома вирус (ХПВ), кој преживува надвор од телото долго време. Инкубацијата трае и до шест месеци, така што кај повеќето луѓе, првите израстоци се појавуваат во текот на есента и зимата. Мора да имате на ум дека брадавиците ретко се повлекуваат самостојно и затоа е неопходно да се побара помош од дерматолог.

Вагинални инфекции

Габичката кандида е нормален жител на дебелото црево, а под влијание на влагата и топлината брзо се размножува. Кон тоа придонесува седењето на плочките на базените, во влажна крпа и костим за капење и, секако, несоодветната хигиена. Симптомите на инфекцијата вклучуваат боцкање и чешање во пределот на гениталиите, како и густ, белузлав исцедок со непријатен мирис.

На базен може да добиете и бактериска инфекција, која најчесто е предизвикана од кламидија, микроплазма и уреаплазма, но и вирусен херпес или ХПВ кој предизвикува кондиломи. Иако овие инфекции главно се пренесуваат по сексуален пат, не е невозможно да се пренесат и преку влажна крпа. За да се заштитите, користете исклучиво свои крпи и костими за капење.

Инфекција на увото

Инфекциите на надворешните ушни канали се меѓу најчестите летни проблеми и најчесто се јавуваат кај децата и возрасните што дошле во контакт со загадената вода во базенот или во езерото. Во најголем број случаи, воспалението на увото го предизвикуваат бактериите, а симптомите се силна болка, затнато уво и зголемена температура. Никогаш не обидувајте се да го исчистите увото со стапчиња бидејќи така ќе ја пренесете инфекцијата од надворешниот во внатрешниот канал. Побарајте помош од лекар кој, доколку е потребно, ќе ви препише соодветен антибиотик.

Дијареја

Водата во езерата и базените е полна со бактерии, па доволно е да проголтате само малку загадена вода за да се заразите со салмонела или со ешерихија коли. Тие предизвикуваат пролив, грчеви, силни болки во стомакот и многу висока температура. Поблагата форма на инфекцијата не бара посебен третман, бидејќи непријатноста поминува за еден или два дена ако доволно одморате и пиете многу течности. Меѓутоа, ако високата температура и болките во стомакот траат подолго од два дена, а особено ако имате голем број водени столици, задолжително јавете се кај лекар.

Инфекции на кожата

Поради зголемено потење, изложеноста на сонце, носењето тесна или синтетичка облека, на грбот, градите и на препоните се појавуваат ситни црвени мозолчиња. Во контакт со иритираната кожа и бактериите, кои ги има и во базените и во езерата, може да се појави сериозна инфекција, која бара дерматолошки третман. За да спречите ширење на инфекцијата, никогаш не го тријте телото со крпа, туку нежно завиткајте го за да го впие вишокот вода. Габичните инфекции на кожата се препознаваат по црвенилото, чешањето и испуканата кожа. Се лекуваат со засилена хигиена и антибиотици пропишани од лекар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот