Филипче пред конгресот на СДСМ: Очекувам дебата, не тензии
На конгресот ќе се разгледа изборниот резултат, ќе се гласа доверба на партиските органи и ќе се отворат внатрепартиските прашања што со месеци ја потресуваат опозициската партија СДСМ.
Опозицискиот СДСМ денеска во 11 часот ќе одржи конгрес на кој ќе се анализира изборниот резултат од последните локални избори, во услови на засилени внатрепартиски тензии и јавни критики кон раководството.
Препорачано
Како што информираат партиски извори, конгресот ќе има отворен и затворен дел. Во јавниот дел со поздравен и воведен говор ќе се обрати актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, по што ќе следи затворена седница на која генералниот секретар и шеф на изборниот штаб, Александар Саша Димитријевиќ, ќе го презентира извештајот за изборниот процес.
Предвидено е и гласање за доверба на Централниот и на Надзорниот одбор, како и усвојување статутарни измени со кои се планира воведување нови дигитални платформи за комуникација со членството и со гласачите.
Филипче, кој изминативе денови е под силен притисок од поранешни високи партиски функционери како Петре Шилегов и Јован Деспотовски, за ДВ изјави дека не очекува тензиите да кулминираат на самиот конгрес.
„Очекувам дебата и јавување на делегатите за дискусија. Конгресот е вистинскиот форум за критики. Не очекувам тензии, туку реални и аргументирани забелешки“, рече Филипче.
Тој најави дека по завршувањето на конгресот ќе следуваат интензивни активности на терен, особено во општинските организации, со цел поголема партиска мобилизација. Според него, актуелната власт не нуди политики што реално го подобруваат животот на граѓаните.
Претконгресниот период во СДСМ беше обележан со остар внатрепартиски судир, предизвикан од слабите изборни резултати во последните циклуси и од барањата на дел од членството Филипче да се повлече од лидерската позиција.
Шилегов и Деспотовски, кои важат за предводници на критичката струја, не се меѓу 740-те поканети делегати на конгресот. Во јавните настапи тие најавија бунт против партиското раководство, при што Шилегов изјави дека на незадоволните би можеле да им се приклучат и дел од пратениците.
„Кога ќе излезат од партијата дел од пратениците, можеби и половина од пратеничката група, кога дел од општинското раководство ќе ви ги затвори вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете од функцијата“, му порача Шилегов на Филипче.
Во СДСМ, меѓутоа, ваквите сценарија се отфрлаат.
На денешниот конгрес се поканети и поранешните лидери на СДСМ, Зоран Заев и Владо Бучковски. Покана, пак, не добил Бранко Црвенковски, кој претходно го замрзна своето членство во партијата.


