Европското јавно обвинителство лани истражувало 97 случаи на измама во Бугарија
Во 2024 година, Канцеларијата на европското јавно обвинителство спроведе 97 истраги за измама со средства од ЕУ вредни 487,65 милиони евра во Бугарија, стои во извештајот за активностите на Европското јавно обвинителство за минатата година објавен денеска.
Препорачано
Бугарија е на четврто место по бројот на истраги – прва е Италија со 458 истражени случаи на измами, втора е Романија – со 251 истрага, а трета е Германија – со 190. Во големите земји како Франција и Шпанија се спроведуваат двапати помалку истраги отколку во Бугарија. Европското јавно обвинителство истражува најмалку случаи на наводна измама во Финска – само три и во Естонија – пет.
Вкупно, сите досегашни истраги на Европското јавно обвинителство во Бугарија се 254. Од нив 12 се за измама со ДДВ вредна 443 милиони евра. Европското јавно обвинителство подготви 10 обвиненија против 14 лица за измама со средства од ЕУ вредни 6,27 милиони евра. Три лица се осудени.
Во Бугарија обвинителството истражува најмногу злоупотреби на средствата на ЕУ од регионалните фондови и фондовите за регионален развој, на второ место по злоупотреби се средства од земјоделски фондови и развојни фондови, а на трето – средства за вработување, социјална кохезија и инклузија.
Во сите земји учеснички на крајот на 2024 г. Европското јавно обвинителство имаше вкупно 2.666 тековни истраги (зголемување од 38% во споредба со претходната година), со проценета штета на буџетот на ЕУ од 24,8 милијарди евра (22,5% повеќе во споредба со 2023 година). Повеќе од половина од проценетата штета (13,15 милијарди евра) е поврзана со прекугранична измама со ДДВ, со речиси систематска вмешаност на криминални организации, што претставува сериозен ризик за внатрешната безбедност.
Повеќе од 1.500 нови истраги беа покренати во 2024 година (речиси 10% повеќе од претходната година), што претставува проценета штета од 13,07 милијарди евра. Во 2024 година Европското јавно обвинителство обработило 6.547 пријави за криминал (56% повеќе од претходната година). Над 70% доаѓаат од приватни лица и скоро 27% од националните власти. Само 1,7% доаѓаат од институциите, телата, канцелариите и агенциите на ЕУ, што покажува дека треба да го забрзаат откривањето и пријавувањето сомнителна измама до Европското јавно обвинителство, смета Европското јавно обвинителство.
Во 2024 година, со поднесени 205 обвиненија (47% повеќе од 2023 година), Европското јавно обвинителство минатата година замрзна имот во вредност од 849 милиони евра.


