Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук / скриншот

„Европскиот пат станува приказна без крај“, рече Мицкоски во Виена по средбата со австрискиот канцелар Штокер

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Виена се сретна со австрискиот канцелар Кристијан Штокер, а по средбата, на новинарско прашање за тоа кои се следните конкретни чекори за да се отпочнат преговорите со Европската Унија, одговори дека позицијата е јасна и дека иднината на земјава е во рамките на ЕУ, но дека тој и македонските граѓани „имаат чувство дека процесот на преговори се билатеризирал, што за возврат го прави многу тежок“.

Тој потсети дека процесот за влез во ЕУ беше започнат пред 26 години со потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација, пред 21 година земјата официјално стана кандидат, а во 2009 година го доби првиот позитивен извештај од Европската Комисија за отпочнување на преговорите, но, според него, поради билатералните прашања процесот се претворил во „приказна без крај“.

Наспроти редовните потсетувања од Брисел дека Македонија не може да ги отпочне преговорите додека не ги внесе Бугарите во Уставот, Мицкоски ги повтори своите редовни тези дека Македонија направила многу и дека сега повторно се бара од нас да го смениме Уставот.

„Имаме чувство дека процесот се билатеризира, а ние сме жртви на булинг којшто го прави земја членка, по принципот „ние сме внатре, а вие сте надвор, ако сакате да бидете внатре мора да ги прифатите нашите услови, во спротивно ќе останете надвор“. А тие услови немаат ништо заедничко со Копенхагенските критериуми“, рече премиерот.

Тој рече дека неговата влада е подготвена да преговара за овие прашања, но дека за тоа биле важни гаранциите од Европскиот совет за македонскиот идентитет.

„Нашата позиција е многу јасна, дека ние сме подготвени како Влада да седнеме на маса со нашите сојузници, соседи во случајот, и да разговарамне за надминување на овој проблем. Но, она што е поважно се гаранциите од Европскиот совет за нашиот идентитет и дека нема да има други билатерални прашања кои некој може да ги отвори“, изјави Мицкоски.

Штокер: Шесте земји од Западен Балкан се парчињата што недостасуваат во европскиот мозаик

„Вашата земја беше пример за целиот регион долго време и не сакаме овој напредок да се изгуби“, порача денеска австрискиот канцелар Кристијан Штокер на заедничката прес-конференција со Мицкоски.

Штокер рече дека Австрија и натаму ќе биде „еден од најголемите поддржувачи на патот на С Македонија кон Европската Унија“ – вистинскиот пат, кој, како што додаде, води кон трајна стабилност и просперитет.

Австрискиот канцелар истакна дека пристапувањето мора да биде крајната цел на процесот и оти истите правила мора да важат за сите кандидати, без брзи и скратени патеки. Во таа насока, тој наведе дека геополитичките влијанија и неизвесноста во глобални рамки имаат големо влијание поради што е многу важно регионот на Западен Балкан да не се изгуби од вид, особено не сега.

Проширувањето на ЕУ, рече Штокер, е најсилниот и најефикасен инструмент за мир, безбедност и просперитет, како и дека шесте држави од Западен Балкан „се парчињата што недостасуваат во европскиот мозаик“.

Савески најави крај за „фиока-системот“: Сите предмети се важни, со нив се решаваат човечки судбини

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот