Европската комисија одбила да даде пари за третата транша на ИПАРД

Во сегашните околности, како стандардна превентивна мерка за заштита на буџетот на Европската Унија, Комисијата одлучи да го прекине рокот на плаќање за декларацијата за расходите за третиот квартал од 2025 година во рамките на програмата ИПАРД 3, изјавија од Европската комисија. Од Министерството за финансии велат дека не добиле службено известување од Комисијата

Европската Унија ја прекина исплатата на третата транша од ИПАРД 3 во висина од 2,9 милиони евра, јави Телма повикувајќи се на официјална изјава од Европската комисија. Ден пред тоа од Министерството за земјоделство тврдеа дека такво нешто нема, а од Министерството за финансии тврдат дека не добиле официјален допис.

Владата на 29 октомври побарала да ѝ биде исплатена сумата од 2,9 милиони евра.

„Во сегашните околности, како стандардна превентивна мерка за заштита на буџетот на Европската Унија, Комисијата одлучи да го прекине рокот на плаќање за декларацијата за расходите за третиот квартал од 2025 година во рамките на програмата ИПАРД 3. Оваа превентива мерка ги надополнува мерките што веќе ги презеде Националниот службеник за авторизација, при што обете придонесуваат за обезбедување заштита на финансиските интереси на ЕУ“, пишува во одговорот што го добила телевизијата од Европската комисија.

Од Министерството за финансии изјавиле дека официјално известување од Комисијата не добиле, но потврдиле дека ги побарале парите.

– На 29 октомври се сертифицирани и побарани 2,9 милиони евра кои се однесуваат на веќе исплатени 109 земјоделски корисници во третиот квартал од оваа година и ЕУ има рок до крајот на јануари 2026 година да ги исплати овие средства – велат од Министерството за финансии.

Со прекинување на последната транша, прашање е дали и кога државата ќе ги добие парите и кога ќе продолжи исплатата.

Од Европската комисија за ТВ Телма изјавиле и дека „Комисијата е подготвена да продолжи да ги поддржува земјоделците, земјоделско-прехранбениот сектор и руралните области на Северна Македонија во иднина под услов финансиските интереси на Европската Унија да бидат заштитени соодветно“.

Само пред два дена од Министерството за земјоделство уверуваа дека Европската комисија нема донесено одлука за суспензија на средствата од програмата ИПАРД 3, туку само дека на состаноци со нивни претставници било најавено преземање дополнителни контроли во делот на веќе завршените предмети. Според Министерството, по завршување на проверките и на контролите од надлежните институции, реализацијата на програмата ИПАРД 3 ќе продолжи без застој. Оттаму порачуваа дека ниту еден земјоделец нема да биде загрозен во однос на користењето на средствата од програмата ИПАРД 3.

Првата вест за парите од ИПАРД 3 стигна на 11 октомври од поранешниот министер за земјоделство од редовите СДСМ Љупчо Николовски, кој тогаш рече: „Во петокот, околу 16 часот, од Националниот координатор за авторизација, преку механизмот за суспендирање на плаќања, е донесена одлука за суспендирање на програмата ИПАРД 3, односно одлука за суспендирање на плаќањата во ИПАРД 3“. Според него, одлуката стапила на сила веднаш, на неопределено време, сè до исполнување одредени услови и акциски планови.
Потоа, од Министерството за финансии изјавија дека „државата направила привремено стопирање“. Според Министерството, „РС Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД инструментот на Европската Унија, донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата“.

„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, соопшти Министерството за финансии.

Проблемот со парите од ИПАРД се појавија откако се поведе истрага за корупција со вклучени петмина осомничени, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството Илија Стоилов, кој заврши во затворски притвор.

Програмата ИПАРД 3 трае од 2023 до 2027 година. Досега имаше пет повици за 65 милиони евра. Исплатени се 11 милиони евра, а се обработуваат 7,4 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот