Европска лига: Немоќен Еурофарм Пелистер, Фуксе Берлин убедливо славеше во Битола

Фуксе Берлин ја оправда фаворитската улога против Еурофарм Пелистер/22 ноември 2022/Битола, Македонија/фото: instagram.com/rkeurofarmpelister

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го запишаа вториот пораз во Европската лига на ЕХФ, откако во салата „Боро Чурлевски“ загубија од Фуксе Берлин со високи 34:43 (14:22).

Избраниците на Ларс Валтер парираа на стартот, но расположениот германски ривал се одлепи пред паузата, а во продолжението само ја потврди победата во Битола.

Само на почетокот македонскиот вицешампион го контролираше резултатот, трипати минимално водеше со 1:0, 2:1 и 3:2. При негатива од 6:7 гостите направија серија од 4:1 што се покажа како клучно за понатамошниот тек на средбата.

На паузата Германците заминаа со уште поголема предност од „плус осум“, а во вториот дел истата само растеше, стана и двоцифрена, која ја одржуваше фаворитот до самиот крај на овој дуел.

Кај стрелците Пешевски во редовите на Е. Пелистер беше најефикасен со осум погодоци, шест имаше Радовиќ, а по пет Таноски и Костески. На спротивната страна за моментно водечкиот во Бундеслигата Вујовиќ имаше девет голови, а седум беа дело на Холм.

На табелата во групата „Д“ води Фуксе Берлин со шест бодови, додека Е. Пелистер е на четвртото место со два. Во следното коло битолчани во Германија на 29 ноември ќе игра против украинскиот Мотор Запорожје, а Фуксе Берлин истиот ден ќе биде домаќин на португалскиот Агуас Санташ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот