Евролигата со план да се одиграат сите мечеви во еден град!?

фото: euroleague.net

Доколку биде прифатен ваквиот предлог како што информира „Ел Паис“, сезоната би завршила за пет недели, а екипите би добиле 14 дена за подготовки.

Првите луѓе на кошаркарската Евролига ги гледаат сите можни опции за евентуално продолжување на сезоната. Како што информира шпанскиот весник „Ел Паис“, нивниот план е сите мечеви (78) да се одиграат во еден град во кој има две арени.

Доколку биде прифатен предлогот, сезоната би завршила за пет недели, а екипите би добиле 14 дена за подготовки. Истиот извор пишува дека како градови кандидати за домаќини се одвојуваат Атина (Грција), Истанбул (Турција) и Москва (Русија).

Тренерите, играчите и тимскиот персонал би требало да се јават во клубовите во што пократок рок и по две недели во самоизолација да се вратат на терен со цел да ја темпираат формата за понатамошните мечеви.

Овие се само претпоставки за плановите на раководството на кошаркарската Евролига. Колку од ваквите пишувања на „Ел Паис” ќе бидат реализирани, останува да се види со оглед дека пандемијата на коронавирус е во полн ек и сигурно ќе потрае уште одреден период.

До прекинот на сезоната во најквалитетната европска кошаркарска лига после 28 одиграни кола водеше турскиот Анадолу Ефес (24 победи, четири порази), пред шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона кои имаа ист учинок од 22-6.

Претходно донесена е одлука за крај на кошаркарската сезона во Грција (нејасно е дали ќе има шампион), а истото го направија уште Украина (титулата за Дњепар), потоа Литванија, Хрватска, Белгија, Словенија како и регионалната ВТБ лига.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот