Еурофарм Пелистер за малку до чудо во ЛШ, Кил се испоти за бодовите во Битола
По двата убедливи порази на стартот од групата А во ракометната Лига на шампионите, во третото коло Еурофарм Пелистер покажа многу подобра игра и тоа против еден од најдобрите клубови во Европа, германскиот првак Кил.
Препорачано
Бундеслигашкиот гигант во салата „Боро Чурлевски“ во Битола не помина лесно како што очекуваше, само неколку топки, грешки во нападите во текот на мечот одлучија на крајот Германците со своето искуство да триумфираат на крајот само со 20:23.
Актуелниот македонски шампион не се посрамоти овојпат пред своите верни навивачи, по стартното водство од 1:0, во текот на првото полувреме неколку пати израмнуваше (2:2, 3:3, 6:6) против фаворитот на овој дуел. Највисоката предност на гостите во првите 30 минути изнесуваше „плус три“ (7:10), а на паузата заминаа со позитива од 9:11.
Во вториот дел исто така битолската екипа се покажа во храбро издание, рамноправна, повторно доаѓаше до егал, на семафорот стоеше 16:16, 17:17, 18:18. Чувствуваа играчите на Александар Јовиќ дека можат да направат и целосен пресврт, но кога беше најпотребно при 19:19 се направија не се искористија неколку напади за да се следи чекорот со противникот. Имаше исклучување на Василев, по што следуваше казната од Кил со клучна серија од три голови во низа за 19:22 во 52 минута.
Во последните осум минути Еурофарм Пелистер постигна само еден гол преку Тајник за 20:22, ривалот повеќе резултатски не дозволуваше никакво изненадување, успешно ја одржуваше предноста до крајот на средбата. Екберг го постави конечниот епилог за трета победа на својот клуб сезонава во ЛШ.
Најефикасни во редовите на Еурофарм Пелистер беа Радивојевиќ со пет голови, четири запиша Цехте. На спротивната страна се истакна Екберг со пет погодоци, а истиот учинок го имаше и Елефсен.
На табелата води Кил со шест бодови, пред Алборг, ПСЖ и Келце по четири, по два имаат Колстад и Пик Сегед, а ниту еден ППД Загреб и Еурофарм Пелистер. Третото коло ќе биде комплетирано в четврток со натпреварот ППД Загреб – Колстад.
Во следното четврто коло ракометарите на Јовиќ на 12 октомври ќе му гостуваат на францускиот ПСЖ.


