Еурофарм Пелистер ја одбрани титулата во Суперкупот на Македонија

Е. Пелистер во Охрид ја доби суперкуп битката против Вардар 1961/фото: instagram.com/rkeurofarmpelister

Во еден крајно неизвесен натпревар во Суперкупот на Македонија одигран во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид екипата на Еурофарм Пелистер со 23:22 успеа да го совлада Вардар 1961.

Екипите во текот на првото полувреме се менуваа во водство, Вардар водеше со два голови разлика (5:3), а потоа со иста мера возвраќаше Е. Пелистер кој водеше со 8:10 и 9:11. Ракометарите на Недановски врзаа три гола за враќање на позитивата (12:11), а на пауза се замина со нерешен резултат по голот на пивотот Пешевски.

Силен старт имаше битолскиот тим во вториот дел, со низа погодоци за 15:12, Русинот Васиљев се истакна во тој период со два гола. Вардар не се предаваше, повторно стекнаа „плус два“ (17:15) во 41 минута, скопјани се вратија во игра со головите на Карапалевски, Талески и Манасков.

Во последните 10 минути Вардар влезе со предност од 20:18, а потоа следуваа неколку напади кои не ги реализираа скопјани што беше шанса за Е. Пелистер да се врати и тоа го искористи преку Хосни и голманот Кизиќ кој се истакна со интервенција.

Пешевски ја врати неизвесноста за нерешени 22:22, се играше последната минута кога играчот на битолската екипа Суси ја затресе мрежата на Ристовски, а во последниот напад на скопските „црвени“ Талески се обиде да го спречи поразот, но неговиот удар го одбрани Кизиќ, по што следуваше радоста кај играчите на Валтер и многубројните навивачи на Е. Пелистер на трибините.

Недоволна беше одличната партија на репрезентативецот Талески во редовите на Вардар 1961 постигнувајќи 10 голови. На спротивната страна по седумпати во листата на стрелците се запиша Хосни, а четири погодоци Суси и Пешевски.

После пет изданија во Суперкупот на Македонија, ова е втора титула за Е. Пелистер, а Вардарци засега остануваат на три.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот