Принтскрин од видео на студентите во блокада

ЕУ е загрижена за насилството на локалните избори во Србија, бара државата да спречува притисоци и заплашувања

Со загриженост ги констатираме извештаите за акти на насилство врз независни набљудувачи, граѓани, претставници на политички партии и медиумски работници. Ги повикуваме надлежните органи да обезбедат брза и транспарентна акција и да ги повикаат сторителите на одговорност, соопштија од Европската Унија по локалните избори одржани на 29 март во десет општини во Србија, пренесува Н1.

„Го поздравуваме тоа што надлежните го повикаа Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа да ги набљудува локалните избори. Ги земаме предвид наодите на набљудувачката делегација на изборите, како што беа објавени на 30 март“, соопштија од Делегација на ЕУ во Србија.

Како што додадоа, ја поздравуваат високата излезност на гласачите и активното учество на граѓаните.

„Потсетуваме дека должност на државата е да ги заштити граѓаните од насилство, да обезбеди соодветни услови за работа на граѓанските набљудувачи во средина без притисоци и заплашувања, како и да ја гарантира безбедноста на новинарите во контекст на изборите“, нагласува Делегацијата.

Надоврзувајќи се на преземените чекори за избирачкиот список, потсетуваат дека изборниот процес бара дополнителни конкретни подобрувања и реформи.

„Во таа смисла, повикуваме на инклузивен процес кој ги вклучува сите релевантни актери, со цел да се унапреди работата на целосната примена на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа, со цел подобрување на изборната рамка и нејзината примена, значително пред наредните национални избори“, наведува Делегацијата.

Оттаму велат дека ќе продолжат будно да го следат развојот на настаните во врска со изборните реформи, како и идните локални и национални избори, бидејќи, како што велат, „правилното функционирање на демократските институции на Србија е во самото јадро на нејзиниот процес за пристапување кон Европската Унија“.

Инаку, претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој прогласи победа во сите 10 општини, рече дека „едвај избегавме од големо зло, некои луѓе ги извадија пиштолите, провалија во кол-центри“.

„Основата на секоја демократска акција во секоја цивилизирана земја е да ги поканите своите поддржувачи“, рече тој по изборите.

Вучиќ прогласи победа на локалните избори во Србија

Од друга страна, српските медиуми пренесуваа за најразлични инциденти, набрзо по отворање на гласачките места. Јавуваа за бројни тепачки, напади, обвинувања за нерегуларности и зголемено присуство на полицијата.

Според студентите во блокадата, во близина на гласачкото место број 34 во Бор, имаше напад со секира врз новинарска екипа, меѓу која имало и студенти. Во Бор објавија и за „бугарски воз“, а полицијата, како што рекоа, ги легитимирала луѓето што учествувале во него. Во Бајина Башта пак, го забележале штабот на владејачката партија во кафуле и ја повикале полицијата.

Тензичен изборен ден во Србија, забележени бројни инциденти, тепачки и нерегуларности

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот