Ериксен: Пет минути бев мртов – моето срце не е проблем, сакам да играм на Мундијалот!

Симон Кјаер прв истрчал кај Ериксен и видел дека е во несвест/Фото: EPA-EFE/Martin Meissner

Подолго време се шпекулира каква би можела да биде иднината и судбината на данскиот играч за врска Кристијан Ериксен после инфарктот кој го доживеа лани на Европското првенство. Тој сака и натаму да продолжи да игра фудбал на највисоко можно ниво.

– Сакам да играм фудбал. Не гледам причина тоа да не го правам. Затоа сакав да го дадам ова интервју, бидејќи знам што сакам. Од тој момент ништо лошо не се случи, срцето беше тестирано на секој можен начин. Во болницата постојано ми велеа дека добивам è повеќе цвеќиња. Тоа беше чудно затоа што не очекував луѓето да ми испраќаат цвеќиња затоа што бев мртов пет минути – изјави Ериксен за Данскиот ТВ канал ДР Спорт во прво интервју по немилите сцени кои сите добро ги паметиме.

Своето го кажаа и лекарите.

– Велат дека е во ред. Зелено светло за мене е повторно да играм фудбал – рече Ериксен, а потоа ги изненади сите со една реченица:

– Целта ми е Светското првенство во Катар. Отсекогаш сум мислел така, па доколку сè оди како што треба, секако дека се надевам… Дали би бил избран од селекторот е друго прашање. Мојот сон е да се вратам – вели Ериксен.

Не ни помислува дека би можел повторно да добие срцев удар.

– Воопшто не се плашам. Ни најмалку. На почетокот бев малку претпазлив бидејќи не знаев колку може да издржи срцето на еден човек, но мислам дека сум сигурен по сите тестови. Затоа, не, не се плашам дека тоа ќе ми се повтори – се зборовите на Данецот кој неодамна се раздели со Интер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот