Сенката на Епстин се надвисна и врз поранешниот американски министер за финансии – Самерс заминува од Харвард
Поранешниот американски министер за финансии д-р Лери Самерс се повлекува од преостанатите функции на Универзитетот Харвард, потврди универзитетот во средата, по јавното обелоденување на неговата комуникација со починатиот и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, објави „ЕДУ леџер“.
Препорачано
Од Харвард информираат дека Самерс ќе се пензионира на крајот од тековната академска година, а дотогаш ќе остане на одмор. Со ова формално завршува долгата и честопати турбулентна врска со институцијата што некогаш ја водеше.
– Ја донесов тешката одлука да се пензионирам од мојата професорска позиција на Харвард на крајот од оваа академска година. Засекогаш ќе им бидам благодарен на илјадниците студенти и колеги со кои имав привилегија да предавам и да соработувам откако дојдов на Харвард како постдипломец пред 50 години – изјави Самерс.
Неговото повлекување доаѓа откако во ноември се откажа од јавните ангажмани, по објавувањето на документи од имотот на Епстин од страна на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, во кои имаше десетици пораки меѓу двајцата. Преписката покажува дека Самерс и Епстин редовно комуницирале и по тоа што Епстин се изјаснил за виновен за проституција во Флорида, како и пред неговото федерално апсење во 2019 година по обвиненија за сексуална трговија со луѓе. Притоа, Самерс не е обвинет за никакво кривично дело.
По овие откритија, Самерс поднесе оставка и од Управниот одбор на компанијата за вештачка интелигенција „Оупен АИ“, како и од позиции во „Блумберг њуз“, „Њујорк тајмс“ и од Центарот за американски прогрес.
Скандал „Епстин“: Поранешниот секретар за финансии под Клинтон објави повлекување од јавниот живот
По повлекувањето од функцијата претседател на Харвард во 2006 година, Самерс ја извршуваше универзитетската професура „Чарлс В. Елиот“ – една од најпрестижните академски позиции на институцијата. Тој беше и директор на Центарот „Мосавар-Рахмани“ за бизнис и влада при Кенеди школата на Харвард.
„Ослободен од формални одговорности, како поранешен претседател и пензиониран професор, со тек на време со нетрпение очекувам да се посветам на истражување, анализа и на коментари за низа глобални економски прашања“, додаде тој.
Оставката на Самерс повторно ги оживеа старите контроверзии околу неговата кариера, особено конфликтот со Корнел Вест за време на неговото претседателствување со Харвард, кога јавно го оспоруваше академскиот кредибилитет и активизмот на Вест – судир што беше доживеан како расно набиен и како симбол на подлабоките тензии околу расата и академската слобода во елитните универзитети, по што Вест замина на Принстон.
Поширокиот скандал поврзан со Џефри Епстин, кој се самоуби во затвор во 2019 година, со објавувањето милиони документи од американското Министерство за правда предизвика потреси во трансатлантските елити, вклучително и апсења во Обединетото Кралство, при што засегнатите ги негираат обвинувањата и најавуваат соработка со истрагите.
Првиот човек на Светскиот економски форум поднесе оставка поради врски со Епстин


