Ем мали, ем вкусни: Ова зрнесто овошје помага во намалување на крвниот притисок и го штити срцето
Боровинките претставуваат значајна придобивка за целокупното здравје, а особено за кардиоваскуларниот систем. Богати се со растителни влакна, минерали и витамини кои, според кардиолозите, можат да помогнат во намалување на високиот крвен притисок.
Препорачано
Се смета дека боровинките влијаат врз воспалителните процеси, ја зголемуваат еластичноста на артериите и на тој начин придонесуваат за подобро здравје на срцето, пишува „Е-клиника“.
Како боровинките го намалуваат високиот крвен притисок?
Наједноставно објаснување е дека боровинките содржат соединенија кои ја подобруваат циркулацијата и ја зголемуваат проодноста на крвните садови.
„Научниот одговор е покомплексен. Се смета дека боровинките влијаат врз крвниот притисок поради високото ниво на природното соединение антоцијанин од групата флавоноиди. Ова соединение има антиоксидативни и противвоспалителни својства и ја подобрува функцијата на ендотелот – клетките што ја обложуваат внатрешноста на крвните садови. Благодарение на тоа, крвните садови полесно се релаксираат и се подобрува контролата на крвниот притисок“, вели кардиологот д-р Ченг-Хан Чен.
Го намалуваат систолниот крвен притисок
Поконкретно, студија од 2019 година објавена во списанието „Журналс оф џеронтолоџи“ покажува дека секојдневната консумација на боровинки може да го намали систолниот (горниот) крвен притисок за околу 5 милиметри жива. Систолниот притисок укажува колку силно срцето ја пумпа крвта во крвните садови и претставува еден од најдобрите показатели за предвидување на кардиоваскуларни настани, сметаат експертите од Американската асоцијација за здравје на срцето.
Влакна и азот-оксид
Нутриционистката Софи Лаувер објаснува дека антоцијанините можат да влијаат врз создавањето на азот-оксид и на тој начин да го зголемат протокот на крв во артериите.
„Боровинките ја подобруваат еластичноста на крвните садови и овозможуваат подобар одговор на организмот при промени на крвниот притисок. Намалената еластичност на артериите, заедно со високиот крвен притисок, го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Дополнително, боровинките се богати со влакна кои придонесуваат за подобра регулација на притисокот“, објаснува Лаувер.
Дополнителни придобивки од боровинките
Боровинките се корисни за сите возрасни групи. Нутриционистот Кит Бројхер потсетува на истражувања според кои особена корист од нивната консумација имаат повозрасните лица и жените во менопауза.
Намалувањето на крвниот притисок не е единствената здравствена придобивка. Лаувер нагласува дека антоцијанините во боровинките обезбедуваат заштита од воспаленија, стрес и забрзано стареење. Се смета дека придонесуваат и за подобрување на когнитивните функции и меморијата. Боровинките се богати со витамин Ц и витамин К, а содржат и минерали како железо, калиум, манган, магнезиум, калциум, фосфор и цинк.
Д-р Чен советува боровинките да бидат дел од редовното мени, заедно со другите видови овошје. Се смета дека една чаша дневно е доволна за да се почувствуваат позитивните ефекти.


