Елмас: Натпревар за почит, покажавме дека можеме да играме против Италија

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Македонската фудбалска А репрезентација во својот четврти натпревар во квалификациите за Европското првенство 2024 во Скопје ремизираше 1:1 против актуелниот европски шампион Италија.

Нашите најдобри фудбалери на лошиот терен на Националната арена „Тодор Проески“ успеаја да извлечат бод против едни од фаворитите во квалификациската група „Ц“.

Овој убав резултат сигурно ќе влијае позитивно на атмосферата во националниот тим пред новиот квалификациски меч кој ги очекува против Малта на гостински терен на 12 септември од 20.45 часот.

Еден од нашите најдобри репрезентативци Елиф Елмас, играчот на Наполи во 81 минута изнуди слободен удар кој потоа прекрасно го изведе Енис Барди за голема радост кај неговите репрезентативни колеги и кај навивачите.

– Против еден европски првак секогаш натпреварите се тешки, во првото, но и во второто полувреме одиграме тактички дисциплинирано. Знаевме што бара селекторот од нас, кои страни се силни на италијанската репрезентација, така што во првиот дел немавме многу напади, но во второто по примениот гол едноставно моравме да покажеме дека сакаме да играме, сакаме да се надигруваме против ваква репрезентација како Италија. Видовте, направивме висок пресинг, играч на играч, да играте вака, навистина треба страст во себе и желба за победа. Се смени и играта, почнавме да напаѓаме, да ја имаме топката, и тој гол кој ни беше потребен стигна веднаш. Мислам дека можевме да постигнеме уште еден гол, но одигравме натпревар кој заслужува почит, секој фудбалер, како и селекторот – рече Елмас по завршувањето на натпреварот против Италија.

И нашиот фудбалски „дијамант“ кажа дека овој натпревар против Италија се играше на многу тежок, лош терен.

– Реално, таквите услови не се дозволени во Европа. Ќе гледаме да се подготвиме психички за следниот натпревар кој за нас е многу важен. А и Италијанците ќе имаат доста тешка задача против Украина. Против Малта одиме да „изгинеме“ на теренот, да ги освоиме трите бода – се зборовите на Елмас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот