Екипажот на мисијата Артемис 2 се подготвува за враќање на Земјата
Четиричлената екипа на мисијата Артемис 2 на НАСА се подготвува за враќање на Земјата, откако успешно отпатува до задната страна на Месечината, најдалечната точка до која стигнала човечка екипа во историјата.
Препорачано
Капсулата Орион се очекува да слета во водите кај брегот на Јужна Калифорнија во петок навечер. За време на влезот во Земјината атмосфера, леталото ќе достигне брзина до 38.365 километри на час, критична и високоризична фаза од мисијата.
Екипата ја сочинуваат астронаутите Виктор Гловер, Рид Вајзман, Кристина Кох и канадскиот астронаут Џереми Хансен. Тие се првите астронаути во рамките на програмата „Артемис“, вредна повеќе милијарди долари, чија цел е враќање на човекот на Месечината до 2028 година и поставување основа за долгорочно присуство, како и идни мисии кон Марс.
На првата прес-конференција од вселената, Кох ја опиша програмата како штафетна трка.
„Планираме да ја предадеме палката на следната екипа и сè што правиме е со таа цел“, изјави таа.
Следната мисија, Артемис 3, ќе вклучува тестирање на спојување во ниска орбита на Земјата помеѓу капсулата „Орион“ и лунарните лендери, кои НАСА планира да ги користи за слетување на астронаути на Месечината.
Мисијата Артемис 4, планирана за 2028 година, треба да го означи првото враќање на човекот на Месечината по Аполо 17 во 1972 година.


