ЕДУЦИРАЈ СЕ: Предлог книжевни дела кои обработуваат теми поврзани со расизмот (I дел)

Вашингтон, САД / 31 мај 2020 / Фото: EPA-EFE/SHAWN THEW 

На светот веќе му станува јасно дека 2020 година ни удри толку силна шлаканица, та свативме дека ние би можеле да си испланираме пикник, но не и какво ќе биде времето. Така, годината ни почна со стравувања од Трета светска војна, потоа, од „нигде-никаде“ започна епидемијата на новиот коронавирус во Кина, за да прерасне во првата глобална пандемија на 21. век и буквално го „затвори“ човештвото дома, а сега светот сведочи како полициската бруталност која беше кобна за афроамериканецот Џорџ Флојд, ги крена луѓето во САД, Европа и Австралија на нога. 

Џорџ Флојд не е единствениот афроамериканец кој бил убиен од страна на полицијата. Всушност, тој е еден од повеќето афроамериканци кои биле брутално усмртени во последниве 10 години. Ерик Гарнер, Мајкл Браун, Лакван Мекдоналд, Тамир Рајс, Волтер Скот, Фреди Греј, Џамар Кларк, Алтон Стерлинг, Филандо Кастил, Стефон Кларк, Ботам Џин, Бреона Тејлор… се само некои од имињата кои во историјата се испишуваат како жртвите на расизмот и полициската бруталност.

Затоа, Слободен печат одлучи да скрои листа на книжевни дела кои обработуваат теми поврзани со расизмот, а се достапни на македонски јазик, во продавниците на нашите најголеми издавачки куќи.

Еве кои наслови ни ги препорачаа од „Литература.мк“:

„Признанијата на Нет Тарнер“ – Вилијам Стајрон

Доцна во летото 1831 година, во еден зафрлен дел на југоисточна Вирџинија, се случи единствениот успешен, продолжен бунт во аналите на американското ропство. Бунтот го водеше еден необичен свештеник, афроамерериканецот Нет Тарнер, кој бил образован роб и се чувствувал определен од Бога да ги уништи сите белци кои поробуваат во регионот.

,,Признанијата на Нет Тарнер” ја раскажува самиот Нет додека престојува во затвор во студените есенски денови пред да го погубат. Приказната го опфаќа целиот живот на Нет и ја достигнува неизбежната и шокатна кулминација тој крвав августовски ден.

Ова не е само раскажувачко ремек-дело туку ја открива и мачната суштина на црнечкото ропство со незаборавен човечки израз. Преку умот на еден заробен свештеник, Вилијам Стајрон пресоздаде катастрофален настан и ги драматизира измешаните страдања, фрустрации- но и надежи- што го натерале овој извонреден човек да се крене од раните магли на американската историја и да ги покоси оние што го поробиле неговиот народ.

Достапна: ТУКА

„Американски брак“ – Тајари Џонс

Рој направил сè како што треба. Израснат во работничко семејство од Луизијана, се изборил за школарина во колеџот Морхаус. Кога се оженил со Селестијал, таа веќе напредувала во својата уметничка кариера. И тогаш, Рој е уапсен за дело што не го извршил. Од затворот во Луизијана, со сопругата разменуваат писма. Во меѓувреме, Селестијал ја обновува врската со стариот пријател Андре…

„Американски брак“ е приказна за афро-американски брачен пар чиј живот темелно се менува кога сопругот невин завршува во затвор. Приказна за неправичноста на општеството кон афроамериканците и мноштвото познати и непознати импликации на таа неправичност.

Достапна: ТУКА

„Светиот глад“ – Бари Ансворт 

Приказната на „Светиот глад“ е сместена во средината на 18 век, а во нејзиното средиште е „Ливерпулскиот трговец“, брод за превоз на робови вклучен во озогласената триаголна трговија, Ливерпул-западна Африка-Карибите, главниот трговски пат во трансатлантската трговија со робови. Всушност, романот е поделен на два дела – дејството на првиот дел се одвива истовремено во Ливерпул и на „Ливерпулскиот трговец“ во 1752 и 1753 година, а на вториот дванаесет години подоцна во мочуриштата на Флорида.

Насловот „Светиот глад“ е алузија на алчноста, себичната желба за заработка што води до насилство и свирепост, па од една страна ова е приказна за моќта, алчноста и ароганцијата, а од друга страна за човечкото страдање, очај и осаменост.

И покрај тоа што ова дело може да се чита само како приказна за британската трговија со робови, сепак очигледно е дека зад сето ова се крие нешто многу поголемо и подлабоко: вечниот судир меѓу доблеста и алчноста – понекогаш и во една иста личност – и утопискиот сон за еден идеален свет во кој сите луѓе живеат слободни и еднакви.

Во 1992, Светиот глад ја доби Букеровата награда за литература (фикција).

Достапна: ТУКА

„Во слободна држава“ – В. С. Најпол

Во романот Во слободна држава своите јунаци, Боби и Линда, Најпол ги сместува во „имагинарна“ африканска држава, каде што се случува процес на постколонизација, заедно со сите необични општествени и политички промени, при што низ кратки и оголени реченици и исти такви описи, кои ја подржуваат стварноста (внатреешни бескромпромисни судири за власта во тукушто ослободената африканска земја), се движат белци.

Најпол испреплетува различни цивилизации, политички ставови, културолошки проблеми во средина што нема, па дури не го ни претчуствува својот идентитет.

И покрај тоа што покренува цела низа крупни прашања, во оваа книга, но и во другите негови книги, Најпол избегнува да понуди одговори, придржувајќи се до зборовите на Чехов дека „писателот не е тој што треба да ги решава проблемите, туку да ги пронаоѓа“.

Достапна: ТУКА

„Куќни стражари“ – Ширли Ен Грау

Куќни стражари е роман на Ширли Ен Грау од 1964 година, а дејствијата се одвиваат на почетокот од 19 век во руралните предели на Алабама. Ова дело е метафора за старите фамиили, столбови на заедницата која го создаде Југот, нивнata средба со промената на вредностите и нормите, како и лицемерието на расизмот.

Во 1965 година, Куќни стражари ја доби Пулицерова награда за литература (фикција).

Достапна: ТУКА

ПОГЛЕДНЕТЕ:

Американците со поддршка за протестите, 55% се против начинот на кој Трамп се справува 
со кризата (ГАЛЕРИЈА)

Гневот од САД се пресели во Европа: Демонстрации во Париз против расната неправда и полициската бруталност (ФОТО+ВИДЕО)

Потресен говор на мајката на шестгодишната ќерка на Џорџ Флојд: Тој никогаш нема да ја види како расте (ВИДЕО)

Ким Кардашијан сака да го плати лекувањето на девојката застрелана на протестите за 
Џорџ Флојд (ВОЗНЕМИРУВАЧКО ФОТО)

Братот на Џорџ Флојд повика на мирни протести: Јас не дојдов овде да дивеам (ФОТО+ВИДЕО)

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Убиен пензиониран полицаец кој се обидел да спречи грабеж за 
време на протестите во САД

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот