Креативно студио со „Цветен мафин“: Вистинската инспирација да почнам со изработка на слатки задоволства се моите две ќерки

Фото: Приватна архива

„Најмногу се гордеам со моите први нарачки. Тие беа многу значајни и клучни за моето продолжување со изработка на цветните мафини“, вели Стеве.

Уметноста и креативноста се важни компоненти во гастрономијата, а тоа особено се забележува при создавањето на слатките задоволства во кои речиси секој ужива. Слаткарството нуди можности за креативно изразување и експериментирање при подготовката на десертите што несомнено претставуваат мали ремек-дела.

Тоа го докажува и приказната на Стеве Нешкоска од Прилеп, мајка на две ќерки, која собрала храброст да ги обедини своите две пасии – уметноста и слаткарството, а потоа и да го започне својот мал бизнис „Цветен мафин“.

Стеве, што Ве инспирираше да почнете да се занимавате со слаткарство?

– За мене, креативноста е дел од мојот живот уште од дете. Тогаш најчесто ја изразував на хартија преку разни цртежи и слики. Кога ја открив и вештината за подготовка на различни десерти, љубовта кон креативноста ме поттикна да експериментирам во нивното украсување, па така го пронајдов начинот како да ги обединам моите две пасии, уметноста и слаткарството. Но, вистинската инспирација за започнување со изработка на слатки задоволства, морам да признаам дека се моите две ќерки, Мелани и Анастасија. Секоја нивна роденденска желба за специјални торти и мафини ме поттикнуваше да ги искористам и подобрам моите креативни вештини, со цел да ги исполнам нивните желби. Преку нив, можам да ја делам радоста и убавината на цветните мотиви со луѓето околу мене, што ми дава огромно задоволство и задржување на мојата страст кон креативното слаткарство.

Фото: Приватна архива

Како почна приказната за Вашиот мал бизнис „Цветен мафин“?

– Идејата да почнам со некој мал бизнис, во кој ќе успеам да ги комбинирам и креативноста и љубовта кон слатките уживања веќе неколку години се вртеше во мојата глава. Мојата сестра Христина веќе неколку години ме убедуваше да почнам нешто свое, преку кое ќе можам да ја изразам својата креативност, и конечно пред неколку месеци успеа во тоа. Сакавме да воведеме нешто ново кај нас. По долги разговори и дискусии решивме тоа да бидат цветни мафини. Немав некоја специјална подготовка или тренинг, едноставно еден ден пробав да ги направам и тогаш сфатив дека тоа е тоа. Уживав во процесот а и многу ми се допадна како испаднаа моите први цветни мафини.

Фото: Приватна архива

Во Вашиот асортиман преовладуваат боите и цветните форми на мафини. Колку работата со слатки Ви дозволува да ја искажете Вашата креативност? И дали прифаќате сугестии од клиентите?

– Секој цвет сам по себе е уникатен. Постојат мал милион различни форми, големини и бои, а со тоа и безброј идеи за нивно прикажување мафини. Секогаш сум расположена за нови идеи и сугестии од клиентите. Сакам предизвици, нешто што го немам направено претходно. Нарачките се најчесто цветови кои ги имам на мојата инстаграм-страница „Цветен мафин“, но сум имала неколку случаи каде што клиентите имале идеи за специфични цветови и бои, при што максимално сум се потрудила да ги изработам точно онакви какви што ги побарале. Кога ќе имам потреба за дополнителна инспирација да направам некој нов цвет, најчесто ги разгледувам многубројните цвеќиња што ги поседувам дома, или одам до најблиските цвеќари по свежо цвеќе, но и инспирација.

Фото: Приватна архива

Раскажете ни како изгледа процесот на создавање мафини во форма на цветови? И кои состојки најчесто ги користите?

– Прво се почнува со печење на самото тесто за мафинот, направено со внимателно одмерени состојки и мешање, со цел да се добие нежен и сочен вкус. Решив да почнам едноставно, па така засега имаме мафини со чоколаден и вкус на ванила, со исто такви полнежи, дополнително полнеж од вишна и нормално многу идеи за нови вкусови кои сѐ уште се во нивната тест фаза. И за полнежот од вишна морам да признаам дека е заради моите деца, кои од мали ги обожаваат вишните и скоро секоја наша роденденска торта е направена со вишни. Креативниот дел започнува со самата подготовка на путер-кремот што го користам за изработка на цветовите, во различни бои. Формите на цветовите ги изработувам со различни алатки за моделирање и слаткарство.

Фото: Приватна архива

Дали имате некоја нарачка со која особено се гордеете? И кој дизајн на мафини Ви одземал најмногу време при создавањето?

– Најмногу се гордеам со моите први нарачки. Тие беа многу значајни и клучни за моето продолжување со изработка на цветните мафини. Позитивните коментари и среќните лица на клиентите првично за изгледот на мафините, а потоа и за нивниот вкус (откако ќе ги прежалат и ќе ги изедат) ми даваат уште повеќе мотив да продолжам понатаму и да ги подобрувам моите вештини. Исто една од поомилените нарачки ми е нарачката на цветни мафини во форма на лалиња во бело-виолетова варијанта, кои беа наменети за свадбена прослава. Особено ми е драго што најголемиот дел од клиентите ги прославуваат своите најсреќни мигови со нашите цветни мафини.

Најмногу време ми одземаат цветовите кои се изработуваат со различни бои a, истовремено и со различни форми на алатки. Сите цветови се изработуваат рачно, така што изработката временски е различна за секој цвет, но секој момент е вреден кога ќе се видат задоволните лица на клиентите. Подготвувањето на една нарачка знае да трае и по неколку часови, вклучувајќи го и самото пакување во различни кутии, украсување на самото пакување. Сепак и тоа е важен дел од процесот, како целосно изгледа крајниот производ. За набавка на потребни намирници, презентирање на мафините на социјалните мрежи, комуникација со клиентите како и доставата имам помош од мојата сестра Христина.

Фото: Приватна архива

Според Вашето искуство, дали е исплатливо да се живее од креативна работа? И кој е Вашиот совет до младите креативци што имаат талент, но немаат доволно храброст да ги претстават своите рачни изработки?

– „Цветен мафин“ сѐ уште е на самиот почеток, сепак постои само неколку месеци. Верувам дека секој труд, дали порано или подоцна се исплати, само потребно е трпение и уште поголема желба за работа и, секако, храброст. Засега моите очекувања се и повеќе од надминати, презадоволна сум од заинтересираноста и од прекрасните коментари што ги добивам секојдневно.

На младите креативци им препорачувам да веруваат во својот талент и во себе. Секој почеток е тежок и треба да му се даде можност на својот креативен дух да се изрази. Важно е да се осмелиме да го покажеме своето знаење и талент, бидејќи секоја рачна изработка има своја уникатност и вредност. Да не се плашат од можните критики, тие можат да бидат конструктивни и ќе им помогнат да се подобрат. Најважно е да го следат својот пат и да уживаат во процесот на создавање. Да работат на својот талент, да не се двоумат долго како мене, бидејќи со желба и поддршка од најблиските, секој предизвик се пребродува.

Слаткарството долго време беше мое хоби, но сега прерасна во моја професија. Никогаш не е доцна љубовта да се претвори во ваш мал бизнис. И за крај, храброст не е немањето страв, туку смелоста да се покаже вашиот талент на светот.

Фото: Приватна архива

„Цветен мафин“ ќе подари две кутии со мафини од својот асортиман на двајца читатели на „Слободен печат“.

Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот