Како на филм: Краделе стари и ретки книги од библиотеките низ Европа

Фото: Pexels / Negative Space

Девет грузиски државјани се уапсени под сомнение дека се одговорни за кражба на 170 ретки книги, антиквитети кои се чувале во националните и историските библиотеки низ Европа, со што е нанесена штета до 2,5 милиони евра, објави „Европол“.

Крадците кои ги украдале првите изданија на Пушкин и Гогољ од библиотеките низ Европа од вчера се зад решетки. Официјалните лица се сомневаат дека тие се одговорни за исчезнувањето на најмалку 170 антички изданија, вредни 2,5 милиони евра и дека успеале да ги препродадат на аукции во Русија, со што станале неповратни.

Како што соопшти Европол, четворица Грузијци се приведени во Грузија и Латвија. Некои од украдените книги се продадени преку аукциските куќи во Санкт Петербург и Москва. Тројца осомничени се уапсени во Естонија, Франција и Литванија, додека уште двајца осомничени се под судски надзор во Франција.

Повеќе од 100 полицајци учествувале во акцијата во која покрај апсењето на осомничените, спасени се и над 150 книги кои како и претходните ретки изданија би ја имале истата судбина. Утврдено е дека оваа група во текот на 2022 и 2023 година успеала да украде ретки книги од национални и историски библиотеки во Чешка, Естонија, Финска, Франција, Германија, Латвија, Литванија, Полска и Швајцарија. Крадците најчесто избирале книги од руски автори, а кражбите ги вршеле по сценарио слично на филм.

Тие влегувале во библиотеките каде се преправале дека се научни истражувачи. Објаснувале дека сакале лично да ги проверат антикварните книги бидејќи за тоа имале академски интерес. Сè изгледало како навистина да ги проучуваат овие ретки и бесценети изданија.

Тие ги мереле и фотографирале, а потоа ги враќале. Неколку недели или дури месеци подоцна, тие доаѓале повторно, барајќи да ги прегледаат истите книги уште еднаш. Но, тогаш носеле фалсификувани верзии и во погоден момент едноставно ги заменувале. Копиите биле со исклучителен квалитет, па поминувало многу време пред да се откријат кражбите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот