УКИМ донесе Одлука за основање Фондација „Горан Стефановски“

Фото: Општина Центар

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје донесе Одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“ во пресрет на 27 април – роденденот на великанот на македонската драма.

-Фондацијата се основа на иницијатива на Факултетот за драмски уметности – Скопје, каде што Стефановски долги години ги предаваше драмските занаети, пред да го продолжи својот животен пат во Велика Британија. Во органите на Фондацијата, освен претставниците на академската заедница и на семејството на Стефановски, ќе партиципира и Драмскиот театар од Скопје, на чија сцена драмите на овој автор ги доживеаја најголемите успеси, се вели во соопштението.

Од ФДУ додаваат дека цели на Фондацијата ќе бидат заштита и негување на оставината на делото на нашиот најголем современ драмски автор Горан Стефановски, како трајна културна вредност, публикување на објавени и необјавени негови трудови, во печатен и електронски формат, подобрување на достапноста на неговото творештво на сите светски јазици, градење на културата – посета на театар и однос кон драмските уметности кај новите генерации, но и проекти за промоција и поттикнување на македонското драмско творештво воопшто.

-Фондацијата, исто така, ќе обезбеди стипендирање на образованието во сите степени на талентирани ученици и студенти во областа на драмските уметности, поддршка и унапредување на талентираните ученици, студенти и млади кои аматерски се занимаваат со филм и театар. Исто така, таа ќе го поттикнува и поддржува неформалното образование за создавање драми, ќе организира едукативни дебати, работилници и семинари, уметнички и научни конференции, како и хуманитарни проекти од сценскоизведувачка и аудиовизуелна природа за поддршка на ранливи категории, се наведува во соопштението.

Стефановски, почина пред пет години во Кентбери, Англија, на 66-годишна возраст. Автор е на култните драми: „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“ и многу други. Беше еден од креаторите на популарната ТВ-серија „Бушава азбука“ и на повеќе филмски сценарија. Завршил Филолошки факултет во Скопје – англиски јазик и книжевност.

Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград, каде што и магистрирал на тема: „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работеше во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Во 1986 година ја основал Катедрата за театарска и филмска драматургија и бил професор по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Добитник е на наградите: „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински“, „Стериина награда“. Стефановски беше и дописен член на МАНУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот