ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Небојша Цветановски: Каматите ќе останат високи, скапо ќе се отплатуваат јавните долгови

Небојша Цветановски / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Задолжувањето станува сè поскапо. Светската економија во постпандемискиот период е со континуирано високи каматни стапки. Остануваме во еден таков финансиски простор каде што главниот проблем ќе биде зголемениот трошок за сервисирање на долговите, што предизвикува дополнителни фискални импликации.

Само за оваа година, според бројките од Буџетот е планирано да се задолжиме со речиси 1,3 милијарди евра. Притоа, планирано е околу 650 милиони да се обезбедат од домашни извори, а приближно 700 милиони евра од странски извори. Овие пари се потребни за „крпење“ на разликата меѓу планираните приходи и расходи во државната каса, но и за отплата на стари кредити. Фискалната консолидација е дежурна тема меѓу економистите, реториката се заострува, а критики за буџетскиот дефицит стигнаа и од Светска банка.
Небојша Цветановски, доктор по економски науки, во интервјуто за програмата на „Слободен печат“ вели дека постои опасност да се доведе во прашање сервисирањето на јавниот долг.
– За жал, нашето задолжување е пред сè на странските пазари. Таму состојбата во однос на каматните стапки нема да биде битно променета. И понатаму ќе се задолжуваме по високи каматни стапки – вели Цветановски.
Тој вели дека многу развиени земји имаат и повисоки јавни долгови како процент на бруто-домашен производ во однос на нашиот долг.
– Кај сите земји, па и кај развиените, тој јавен долг е значително повисок изразен како процент од БДП. Битно е да го согледаме движењето на краткорочните и на среднорочните каматни стапки кои го диктираат движењето на економијата. Задолжувањето станува се поскапо. Светската економија во постпандемискиот период е со континуирано високи каматни стапки.
Во среден рок, нема да се сменат. Значи, остануваме во еден таков финансиски простор каде што главниот проблем ќе биде зголемениот трошок за сервисирање на долговите, што предизвикува дополнителни фискални импликации. Така, главен ризик ќе биде финансиската стабилност во економијата. За да се избегнат непосакуваните состојби, потребни се одлучни и веродостојни чекори со комплекс на комплементарни мерки – од една страна преку монетарна политика, а од друга преку фискалната – вели Цветановски.

Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледајте го во продолжение:

За да биде одржлив јавниот долг, според Цветановски, најважни се буџетските биланси, односно како ги трошиме парите.
– Важно е дали ги трошиме на прудентни цели, кои треба на среден и краток рок да обезбедат поефикасен економски развој. Треба да говориме за реален раст. Ние сè уште сме на некоја стапка од неполн еден процент раст на бруто-домашен производ. Состојбата на европските земји е слична. Таму реалниот раст на најразвиените економии е близу нула проценти. Веројатно така ќе биде и понатаму, без битни промени. Парите треба да ги трошиме така што ќе обезбедат економски раст. Повисоките реални каматни стапки ја диктираат и динамиката на отплата на јавен долг. До пред короната имавме многу поповолна состојба, затоа што реалниот раст беше многу повисок од реалниот раст на каматните стапки – објаснува д-р Цветановски.
За поголем економски раст, тој и како многу други економисти, алармира за структурни реформи.
– Суштествени се структурните реформи. Ние не можеме да градиме економски раст без суштински економски реформи. Тоа засега ние го имаме само формално инсталирано преку институции и програми, но тие не функционираат и го немаат тоа што е потребно: на програмски план да ги реализираат тие структурни реформи – забележува Цветановски.
Структурни реформи, како што појаснува Цветановски, се политики насочени кон фундаменталната функционалност на државата. Тука ги споменува предвидливата даночна политика, подигање на продуктивноста, јакнење на конкурентноста, вложување во пазар на труд, градење на инфраструктура…
– Треба да ги детерминираме инфраструктурните инвестиции, кои ќе ја подобрат пристапноста на пазарите. Ние сè уште градиме коридори. Мора да ја оспособиме и железницата како најконкурентен вид транспорт. Мора да имаме модернизација на законодавството во однос на пазарот на трудот. Мораме да ја преквалификуваме работната сила што ни остана, да работиме на воведување знаења во нови вештини – вели Цветковски, но потсетува и на државните компании и јавни претпријатија, кои како загубари се исто така виновни за буџетскиот дефицит и на кои им е потребно преструктуирање.
Тој вели дека за реформите треба да има политички консензус, затоа што подразбираат големи трошоци на краток рок за да на подолг рок се направи економски амбиенти за повисоки стапки на раст.
– Ние сме далеку од еден потребен економски развој за да се приближиме кон доходот на споредливите економии. За тоа, мора да имаме раст од најмалку 5 проценти во наредните 5 до 6 години. Но, на среден рок нашата проекција е раст од 3 проценти – заклучува Цветановски.
Според проекциите на Светска банка, Македонија годинава ќе заврши со најниска стапка на економски раст во однос на Земјите од Западен Балкан. Стапката треба да биде 1,8 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот