Ѕвездите од „Одисеја“ го видоа најстариот зачуван примерок од епот на Хомер: „Кристофер Нолан беше длабоко трогнат“
Актерската екипа на филмот „Одисеја“ (The Odyssey) на Кристофер Нолан имаше ретка можност да го види најстариот познат примерок од епот на Хомер во форма на книга – ракопис стар околу 1.700 години, кој се чува во Библиотеката „Џон Рајландс“ при Универзитетот во Манчестер, објави Би-би-си.
Препорачано
Вредниот артефакт, познат како „Манчестерска Одисеја“, бил пренесен во специјално изработен заштитен куфер во Њујорк, каде што бил претставен пред актерската екипа и режисерот за време на американската премиера на филмот.
Професорот Кристофер Преслер, кој го придружувал ракописот, изјавил дека целата операција потсетувала на сцени од „Невозможна мисија“ (Mission Impossible).
„Знаевме што носиме во куферот, но никој друг не знаеше. Да пренесувате предмет од светско значење низ аеродромот ЏФК беше огромна одговорност“, рече тој.
Според него, Кристофер Нолан бил видно трогнат кога го видел артефактот, а актерите со голем интерес ги разгледувале древните фрагменти, барајќи ги имињата на ликовите што ги толкуваат во филмот.
The oldest known surviving book copy of Homer’s epic circa 200–400 CE joins The Odyssey press junket in New York, courtesy of The John Rylands Library at The University of Manchester. pic.twitter.com/2VGqA9HngJ
— Christopher Nolan Archives (@NolanAnalyst) July 2, 2026
Кустосот Џереми Пенер откри дека Том Холанд покажал особено голем интерес за ракописот.
„Кога ќе се соочите со документ стар речиси две илјади години, тешко е да не почувствувате силна емоција. За многумина беше неверојатен момент кога сфатија дека го држат пред себе најстарото книжно издание на ‘Одисеја’, додека самата поема е создадена уште околу илјада години порано“, рече Пенер.
Ракописот е напишан на старогрчки јазик и се смета за најстар зачуван примерок на „Одисеја“ во форма на кодекс – претходник на современата книга, во кој пергаментните листови биле свиткувани и сошиени како страници.
Иако постојат и постари фрагменти од епот на папирус, тие биле дел од свитоци. Токму затоа „Манчестерската Одисеја“ има исклучително значење, бидејќи претставува најстарото познато книжно издание на делото на Хомер.
Фрагментите биле пронајдени во Египет и во 1900 година ги набавил британскиот колекционер и политичар лорд Балкарес. Подоцна станале дел од колекцијата на Библиотеката „Џон Рајландс“, каде што денес се чуваат под строго контролирани услови за да се зачува нивната состојба.
Истражувачите откриле и траги дека ракописот најверојатно го препишувал ученик или помалку искусен писар, а потоа друг препишувач ги исправал грешките, додавајќи пропуштени редови и белешки. Според научниците, тоа претставува редок увид во начинот на кој се пренесувале книжевните дела во античкиот свет.
Филмот „Одисеја“, во режија на Кристофер Нолан, ги има Мет Дејмон во улогата на Одисеј, Том Холанд како Телемах, Ен Хатавеј како Пенелопа, Зендеја како Атена, Роберт Патинсон како Антиној и Лупита Њонго во двојната улога на Елена Тројанска и Клитемнестра.
„Ова е филм што не смеете да го пропуштите“: први реакции за „Одисеја“ на Кристофер Нолан


