Виктор Орбан и Џеј Ди Венс - Извор, Унгарско министерство за надворешни работи

Џеј Ди Венс во Будимпешта: Орбан е најважниот лидер во Европа, ЕУ да престане да ѝ прави опструкции на Унгарија

Американскиот потпретседател Џej Ди Венс денес при неговата официјална посета на Будимпешта во пресрет на парламентарните избори во земјата закажани за во недела, истакна дека унгарскиот премиер Виктор Орбан во овој момент е најважниот лидер во Европа, кој истовремено е способен да обезбеди енергетската безбедност на европскиот континент.

Потпретседателот Венс нагласи дека не посакува неговата посета да се фокусира единствено на економската соработка меѓу двете земју, туку и на моралните аспекти, вклучувајќи го образованието, енергетската независност и безбедноста, објави весникот Мagyar Nemzet.

На прес-конференција, Орбан рече дека последниот пат кога американски потпретседател ја посетил Унгарија било пред 35 години и дека Унгарија немала толку висок американски гостин во последните 20 години.

„Дваесет години меѓу пријатели е долг период. Со доаѓањето на претседателот Трамп, започна златното време на нашите односи“, рече Орбан.

Унгарскиот премиер истакна дека 2025 година била рекордна година во економската соработка, додека 2026 година исто така бележи силен раст. Според Орбан, трговскиот промет се зголемил за 50 проценти, а во март шест американски компании објавија значајни инвестиции во Унгарија во вредност од над 100 милијарди форинти.

Денес ја потврдивме и стратешката соработка во областа на вселенската и одбранбената индустрија“, додаде Орбан.

Унгарскиот премиер им се заблагодари на Трамп и Венс за нивната поддршка за Унгарија во последните години и за тоа што продолжуваат да го прават тоа денес.

„Соединетите Американски Држави се најмоќната земја во светот и со задоволство можам да кажам дека денес тие се наши сојузници. Со тоа се загарантирани мирот и безбедноста на Унгарија“, нагласи Орбан.

Доколку Трамп беше на власт, немаше да има војна во Украина?

Унгарскиот премиер во својот говор пред присутните нагласи дека Унгарија живее во сенка на војна веќе четири години и дека верува дека доколку Доналд Трамп беше претседател на Соединетите Американски Држави во 2022 година, војната немаше да избувне. Тој додаде дека доколку Европа, имено Брисел, не ги попречуваше мировните напори на Трамп, одамна можеше да има мир во Украина.

Како што наведува унгарскиот медиум, Орбан го информирал и Венс за она што го нарече невообичаено сурови и отворени интервенции на странски разузнавачки служби во унгарските изборни процеси и ги пофали одлуките на американскиот претседател да го прекине финансиското мешање на САД во политичките процеси на другите земји.

Орбан истакна дека за време на средбата разговарале и за прашања од западната цивилизација, особено миграцијата, родовата идеологија, семејната политика и глобалната безбедност, нагласувајќи дека Унгарија има значајно искуство и широка мрежа на врски во Централна Европа и на Балканот.

Трамп и Орбан се пријатели

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, пак истака дека Трамп е пријател на Орбан и дека САД сакаат да се надоградуваат досегашните достигнувања и да го поддржат Орбан во претстојниот изборен период.

„Сакаме да градиме врз сите важни и големи работи што ги постигнавме заедно. И очигледно сакаме да го поддржиме премиерот во оваа изборна кампања, односно на изборите што ќе се одржат овој викенд“, додаде Венс.

Тој нагласи дека со оваа посета сака да испрати јасна порака, особено, како што изјави, до „евробирократите“ во Брисел кои вршат притисок врз Унгарија поради одлуките на нејзиното раководство.

„Со оваа посета сакав да испратам порака до сите, особено до оние евробирократи во Брисел кои ја држат Унгарија под контрола и го уценуваат лидерот на земјата за неговите одлуки. Постојат многу начини за соработка со Унгарија и таа соработува на многу начини, особено по прашањата за енергетска безбедност и независност“, нагласи Венс.

Американскиот потпретседател исто така истакна дека САД сакаат Европа да биде успешна и енергетски независна, но дека енергетската безбедност на Европа не може да се обезбеди со следење на примерите од минатото.

Посетата на Џеј Ди Венс на Будимпешта трае до утре. Според официјалната програма, денес попладне ќе се одржи голем настан по повод Денот на унгарско-американското пријателство, пренесуваат медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот