Талат Џафери / Фото: МИА

Џафери за најавата за блокада на Собранието: Нема војна да правам, ќе работам според Деловникот

По најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за блокада на Собранието, претседателот на парламентот Талат Џафери во изјава за „Слободен печат“ вели дека ќе постапува според собранискиот Деловник, дека нема војна да прави, ниту пак, е учител, а пратениците ученици за да им става петки и единици, туку дека секоја партија е одговорна за своето дејствување пред граѓаните, а тие, на избори предвремени или редовни ќе ценат кој работел за интересите на државата и на граѓаните.

– Собранието постапува според Деловникот, ако има амандмани ќе видиме како ќе поминат законите на комисиите, ако има филибастеринг, колку може пратениците да зборуваат, еве 120 пратеници по 10 минути ќе зборуваат. Ќе видиме или ќе се отвори расправа на пленарна седница или не. Јас ќе работам според Деловникот, нема војна да правиме, ќе видиме како ќе тераат. Не само Собранието, треба и други институции да размислуваат за последиците, бидејќи во таков случај не станува збор само за блокада на Собранието туку и на државата – вели Џафери.

Ако дојде до блокада на парламентот, Џафери вели дека нема намера да свика средба со лидерите на парламентарните партии,  бидејќи сите со исклучок на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се и пратеници.

– Претседателите на парламентарните партии 99 отсто се пратеници со исклучок на Мицкоски. Јас се координирам со шефовите на парламентарните групи, нема што да им кажам јас на лидерите, партиите дејствуваат според своите програмски определби, се определиле за добробит на државата и на граѓаните и затоа граѓаните ги гласале. Секоја партија одговара пред граѓаните, а гласачите на избори предвремени или редовни ќе ја ценат работата на партиите. Тие не одговарат пред мене, туку пред граѓаните. Не се ученици па да им ставам петки или единици- вели Џафери.

На прашањето дали може да се изјалови средбата на пратениците од сите парламентарни партии за промена на собранискиот Деловник од процесот „Жан Моне“, а која треба да се оддржи од 6 до 8 мај во Маврово, доколку ВМРО-ДПМНЕ го откаже учеството, Џафери вели:

– Средбата во Маврово е договорена пред два месеци. На последната координација со координаторите на пратеничките групи нема најава дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува. Но без оглед на нивната одлука дали ќе бојкотираат, средбата ќе се оддржи. Веќе се направени резервации и платено е. Ако успееме да направиме драфт верзија на новиот Деловник, добро, ако не, не е ова моја лична војна – вели Џафери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот