Дводневна годишна конференција „Година на нови можности” во Скопје

Фото Димитар Ковачевски Фејсбук

Владата на Република Северна Македонија организира дводневна годишна конференција „Година на нови можности” што ќе започне утре во Скопје.

Целта на конференцијата е преку дискусија да се направи пресек на владините мерки и случувања во 2022, со акцент на идните насоки и визија за новата 2023 година.

– Заедно со виципремиерите, министрите, претставниците од институциите, од меѓународната заедница, од синдикатите, од коморите, од невладиниот сектор, ќе дебатираме за најактуелните теми кои се во фокус на денешницата. Верувам дека плодните дискусии ќе обезбедат добри насоки за тоа како оваа 2023 година да ја погледнеме како можност и да ги искористиме предизвиците за да обезбедиме стабилност, сигурност и подобар европски животен стандард, напиша денеска премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук.

Во рамки на конференцијата предвидено е да се одржат вкупно осум панели на различни теми.

– На првиот панел, „ЕУ интеграции и реформски процеси” ќе се дискутира за евроинтегративниот процес, скринингот, европските фондови, општествените реформи како и владеењето на правото и европските вредности. На вториот, „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза” ќе се разговара за капитални инфраструктирни инвестиции, но и за достигнувањата и плановите, како и остварените и планирани капитални инвестиции во образованието, културата и животната средина. На третиот, „Инвестиции и економски раст во услови на криза”, ќе се дискутира за условите и можностите кои ќе обезбедат дополнителни странски и домашни директни инвестиции, ќе обезбедат нови работни места, повисок стандард, но и ќе поразговараме за тоа за генералните насоки за економски раст во услови на криза. На четвртиот, „Социјални и здравствени политики во време на криза”, ќе се разговара за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална и просечна плата како и новата методологија за раст на пензиите, како и за здравствените политики во изминатава и следнава година, информираат од Владата.

Во текот на вториот ден од конференцијата, исто така, ќе се одржат четири панели.

– Конференцијата започнува со панелот со наслов „Северна Македонија како зелен енергетски хаб – како да се претвори кризата во можност” на кој ќе се дискутира за енергетските предизвици, енергетската трансформација на земјата и потенцијалите на зелената економија. На вториот панел, „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност”, ќе се дискутира за важноста на нашето претседавање со ОБСЕ, придобивките од членството во НАТО, како и останати аспекти на надворешната, безбедносната и одбранбената политика на Северна Македонија. На третиот панел, „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза” ќе се разговара за предизвиците и можностите за спроведување фискални, монетарни и даночни политики кои ќе обезбедат стабилност, сигурност и можност за понатамошен економски развој, велат од Владата.

Четвртиот, завршен панел, со кој ќе се заокружи конференцијата, е насловен „Рамномерен регионален и локален развој и придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделство”. На него ќе се дискутира за можностите за развој на земјоделието преку новиот систем за субвенционирање, како и за можностите за рамномерен регионален развој преку поддршката на локалната самоуправа, но и за улогата на дијаспората за развојот на локалната економија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот