Фото: ДЗР / Монтажа

ФОТО | Државниот архив „се распаѓа“ – влага, стари електрични инсталации, нема противпожарни системи

Државниот завод за ревизија утврди дека дел од просториите на Државниот архив се во близина на вода, а архивскиот материјал на некои места се чува и надвор од полиците, на под.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрази неповолно мислење и за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, и за усогласеноста со законската регулатива во работењето на Државниот архив на Македонија за 2024 година.

Во конечниот извештај, објавен на 30 јануари 2026 година, ревизорите нотираат системски слабости во евиденцијата на средствата и обврските, јавните набавки, платите, внатрешната контрола и условите за чување на архивскиот материјал кој претставува културно и историско наследство од посебен национален интерес.

Ревизијата утврдува дека пописот на средствата и обврските е извршен нецелосно и ненавремено, без вредносно усогласување со сметководствената состојба. Дел од средствата немаат инвентарни броеви, а за седум објекти не постојат јасни докази дали се соодветно евидентирани и проценети.

Уреди за мерење температура и влажност на воздухот кои не се во функција во ПЕ на Битола и Штип / Фото: ДЗР

Нема осигурување од пожари и од поплави

Дополнително, недвижностите не се осигуруваат од пожар, поплава и од други ризици.

Кај уметничките слики со кои располага Архивот, за поголем дел нема утврдена вредност и документација за сопственост, а кај дел од нив е пресметана амортизација спротивно на правилникот.

Утврдени се и пропусти во евиденцијата на залихите од печатени изданија, кои не се водат ажурно и хронолошки.

Депоата руинирани: влага и стари електрични инсталации

Особено алармантни се наодите за условите во архивските депоа. Ревизорите констатираат дека дел од депоата се во руинирана состојба, со протекување, влага, дотраени електрични инсталации и сo нефункционални климатизациски и противпожарни системи.

Дел од просториите се во близина на водени површини, а архивскиот материјал на некои места се чува и надвор од полиците – на под.

Архивот е назад со времето

Дополнително, Архивот користи застарена компјутерска програма од 1990-те за обработка на фондовите, што носи ризик од трајно губење податоци.

Во извештајот се нагласува и дека новододелениот објект во зградата на Археолошкиот музеј во Скопје не ги исполнува меѓународните стандарди за архивско работење, со лоша вентилација, недостиг на природна светлина и со отсуство на соодветни противпожарни излези. Поради тоа, директорот побарал враќање во поранешната наменска зграда на Архивот, но од Министерството за финансии било дадено негативно мислење, а Владата побарала нов усогласен материјал.

Ненадејно е сменета директорката на Државниот архив Наташа Котлар, по телефон ја известила секретарка откај премиерот

Парите не врнат од небо

Во делот на јавните набавки, ДЗР нотира сериозни неправилности. Кај повеќе постапки, одлуките за набавка биле донесени на значително повисоки износи од оние во годишниот план, во некои случаи и до 12 пати повеќе. Кај набавката на електрична енергија била применета несоодветна постапка со оглед на вредноста на договорот, додека, пак, кај услугите за сервисирање предметот на набавката бил нејасно дефиниран, што отвора простор за субјективност и неекономично трошење.

Ревизорите утврдиле и набавки над законскиот праг без спроведена постапка, како и договор за ИТ-одржување што не бил предвиден во планот, со понуда двојно повисока од планираните средства и со фактурирани часови кои не одговараат на договорените.

Некој доаѓал, некој не доаѓал на работа

Дополнително, утврдени се слабости во пресметката на платите и во почитувањето на работното време, со случаи на неевидентирано присуство на работа. Иако формално постои одделение за внатрешна ревизија, функцијата реално не се спроведува поради недостиг од обучени и сертифицирани внатрешни ревизори, што значи дека институцијата практично нема ефикасен механизам за внатрешна контрола.

Работни простории во Централа / Фото: ДЗР

Ревизорите укажуваат и на проблеми во систематизацијата и кадровската политика: дел од раководните позиции подолго време се пополнуваат со привремени овластувања на вработени со пониско звање, што влијае врз квалитетот на управувањето и врз разграничувањето на одговорностите.

Бројот на вработени бележи тренд на намалување, со недоволно реализирани унапредувања и со честа пракса на ангажирање лица на определено време.

Архивот се влечка по судови, му се закануваат казни од 1 милион евра

Во извештајот се наведува и дека Државниот архив е вклучен во судски спорови во кои се тужена страна, со потенцијални финансиски импликации од над 1 милион евра.

ДЗР издаде низа препораки до раководството и за надлежните институции за подобрување на состојбите, од уредување на пописите и осигурување на имотот, преку унапредување на јавните набавки и воспоставување функционална внатрешна ревизија, до обезбедување соодветни просторни и технички услови за заштита на архивското наследство.

Од Државниот архив биле доставени забелешки на нацрт-извештајот, но дел од нив не биле прифатени бидејќи не биле поткрепени со нови докази.

Необична кражба во Скопје, тројца тинејџери фатени со книги од Архивот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот