Фото: Државен архив на РСМ

Ненадејно е сменета директорката на Државниот архив Наташа Котлар, по телефон ја известила секретарка откај премиерот

Таа вели дека случајно разбрала оти причината за разрешувањето се нејзини критики за иселениците во Австралија

Преку телефонски повик од кабинетот на Премиерот и без никакво образложение, во текот на вчерашниот ден додека била на своето работно место, директорката на Државниот архив на Македонија професорката Наташа Котлар Трајкова била разрешена од функцијата која ја извршуваше една година и четири месеци.

Во изјава за телевизијата „24“, Котлар Трајкова рече дека според неа, поводот поради кој е разрешена е едно нејзино интервју во август, во кое изнела критички став за македонските иселеници во Австралија.

„Од вчера, точно во 12 часот и 4 минути, јас бев на моето место во Државен Архив на Република Македонија, ми се јави една госпоѓа која се претстави дека се јавува како секретарка од кабинетот на премиерот. Информацијата беше многу кратка, со тоа што ме извести дека од моментот на јавување јас веќе нема да бидам директор на Државниот Архив. Дознав во една комуникација со претседателот дека фактички мојот најголем грев и поводот за моето менување е изнесено критичко мислење во едно интервју што го дадов во август месец за нашите иселеници во Австралија“, вели сега веќе поранешната директорка.

Според Котлар Трајкова, дополнителна причина за нејзиното разрешување било и тоа што назначениот заменик-директор од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, имал амбиција да премине на директорската позиција.

На локалните избори во 2021 година, Наташа Котлар Трајкова беше кандидат за градоначалник на општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот