Државниот Архив го претстави наследникот на разрешената директорка Наташа Котлар-Трајкова
Државниот архив преку социјалните мрежи објави дека денеска директорската функција ја презел новиот директор Димитар Богески, кој доаѓа на место на разрешената досегашна директорка, Наташа Котлар-Трајкова.
Препорачано
Од Државниот архив информираат дека за директорот Богески, оваа функција не претставува привилегија, туку обврска – со јасна цел работата на Архивот да биде транспарентна, отворена, отчетна и достапна за сите граѓани. Тој упатил благодарност до досегашната директорка, за нејзиниот ангажман и придонес во изминатиот период.
– Ова е првпат по долги години на чело на една ваква престижна позиција да дојде човек кој е од редовите на вработените – со 19 години работен стаж, кој ги поминал сите скалила во институцијата. Тоа искуство е од непроценливо значење и ќе помогне во надминувањето на сите предизвици со кои се соочуваат вработените и корисниците на услугите на Архивот, се посочува во објавата на „Фејсбук“.
Претходната директорка на Државниот архив на Македонија, Наташа Котлар-Трајкова, минатата недела беше разрешена од функцијата која ја извршуваше една година и четири месеци. Котлар-Трајкова тогаш рече дека смета оти причината за разрешувањето се нејзини критики за иселениците во Австралија, но и тоа дека довчерашниот заменик-директор, според нејзините зборови, „имал амбиција да премине на директорската позиција“.


