Слободен Печат - загадено Скопје / Фото - Методи Здравев /

„Државите правно се обврзуваат за климатските промени“ – Обединетите нации усвоија историска резолуција за заштита на идните генерации

Обединетите нации (ОН) усвоија историска резолуција со која се поддржува советодавното правно мислење на Меѓународниот суд на правдата. Според ова мислење, земјите имаат јасна правна обврска да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да преземат мерки за справување со климатските промени со цел заштита на животната средина и идните генерации.

„Ова јасно ја нагласува одговорноста на земјите членки да ги заштитат своите граѓани од она што претставува ескалирачка климатска криза“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Резолуцијата подготвена од Вануату – пацифичка островска држава која се наоѓа на првата линија на климатската криза, како и неколку други земји – беше усвоена по интензивни дискусии, вклучувајќи повеќе предложени амандмани, со 141 глас „за“, осум „против“ и 28 воздржани.

Против гласаа Белорусија, Израел, Либерија, Русија, Саудиска Арабија, Јемен и САД.

Трамп: Климатските промени се најголемата измама досега

Меѓународниот суд на правдата, главното судско тело на ОН, во јули 2025 година пресуди дека државите имаат обврска да ја заштитуваат животната средина од емисиите на стакленички гасови, а одлуката беше поздравена како „голем чекор“. Генералниот секретар на ОН ја опиша едноставно како „победа за нашата планета“.

„Правна обврска“

Судот исто така пресуди дека доколку државите ги прекршат овие обврски, тие се правно одговорни и може законски да се бара од нив да го прекинат незаконското однесување, да дадат гаранции дека тоа нема повторно да се случи и целосно да ја надоместат штетата, во зависност од околностите.

„Иако советодавните мислења на судот не се обврзувачки, тие имаат значајна правна и морална тежина — помагајќи да се разјасни и развие меѓународното право преку дефинирање на правните обврски на државите“, соопштуваат од ОН.

Според ОН, усвојувањето што се случи вчера во нивното Генералното собрание, како продолжение на оваа пресуда, испраќа силна порака дека справувањето со климатската криза е правна должност според меѓународното право, а не само политички избор.

„Највисокиот суд во светот проговори. А денес, Генералното собрание одговори“, рече Гутереш.

Што содржи резолуцијата?

Резолуцијата ги повикува сите земји членки на ОН да ги преземат сите можни чекори и да избегнат значителна штета врз климата и животната средина, вклучувајќи ги и штетните емисии, како и да ги исполнат своите постојни климатски обврски според Парискиот договор.

10 години по Парискиот климатски договор: Што се промени?

„Владите се повикуваат да соработуваат со добра волја и постојано да ги координираат напорите за справување со климатските промени на глобално ниво, а преку климатските политики да ги штитат правата на живот, здравје и соодветен животен стандард“, посочуваат од ОН.

Во соопштение објавено по гласањето во Генералното собрание, Гутереш изјави дека оние кои се најмалку одговорни за климатските промени ја плаќаат највисоката цена и дека патот кон климатска правда „минува низ брза, праведна и еднаква транзиција од фосилни горива кон обновливи извори на енергија“.

Тој исто така истакна дека обновливите извори се покажале како најевтина и најбезбедна форма на енергија, а целта за ограничување на порастот на глобалната температура на не повеќе од 1,5 степени над прединдустриското ниво – сè уште е достижна.

Научници ѝ порачаа на ЕУ да почне да планира за „катастрофални“ температури од климатските промени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот