Дрејк / Фото: EPA-EFE/NINA PROMMER

ФОТО-ВИДЕО | Дрејк објави три албуми одеднаш и повторно го прозва Кендрик Ламар

Дрејк приреди вистинско изненадување за музичката индустрија, објавувајќи не еден, туку три нови албуми одеднаш. Канадскиот рапер ги претстави „Iceman“, „Habibti“ и „Maid of Honour“, со вкупно 43 песни, што е негово најголемо музичко издание досега.

Новите проекти пристигнуваат по бурниот конфликт со Кендрик Ламар, кој доминираше на хип-хоп сцената во текот на 2024 година. Иако многумина се прашуваа дали Дрејк повторно ќе го отвори конфликтот преку музиката, одговорот очигледно е – да.

На албумот „Iceman“, кој е најмногу ориентиран кон рап и хип-хоп звук, Дрејк директно алудира на својот ривал. Во една од песните тој го обвинува Ламар дека го користи својот роден Комптон за јавен имиџ и хуманитарни гестови, додека приватно живее далеку од таа реалност.

„Делиш мисирки пред камери во твојот крај, па се враќаш во ридовите“, рапува Дрејк.

Омотот за „Iceman“ / Фото: Инстаграм/Дрејк

Во воведната песна „Make Them Cry“, раперот открива и дел од својата психолошка состојба за време на конфликтот со Ламар.

„Кажи ни како беше кога го сретна косачот на души / Овој албум мора да има големи гости / Извини што ќе ви го скршам филмот, но сам сум со моето ментално здравје“, вели тој во стиховите.

Во истата песна открива и дека неговиот татко боледува од рак.

Освен Кендрик Ламар, Дрејк индиректно прозива и други јавни личности кои застанаа на страната на неговиот ривал. Меѓу нив е и НБА ѕвездата Леброн Џејмс, кој минатата година присуствуваше на концерт на Ламар во екот на нивниот конфликт.

Омотот за „Habibti“ / Фото: Инстаграм/Дрејк

На новите албуми гостуваат имиња како Сентрал Си, 21 Севиџ и Партинекстдор, а секој проект носи различен музички правец. „Habibti“ е повеќе ориентиран кон ар-ен-би звук, додека „Maid of Honour“ содржи денс и клубски елементи.

Музичките критичари сè уште ги обработуваат трите изданија, но веќе се појавија реакции дека објавувањето 43 песни одеднаш е обид за таканаречен „stream trolling“ – стратегија со која уметниците објавуваат огромен број песни за да ги зголемат бројките на стриминг платформите.

Сепак, музичката новинарка Мери Мендфилд смета дека Дрејк немал избор освен повторно да се осврне на конфликтот со Ламар.

„Ќе беше огромен пропуст да објави три албуми и воопшто да не го спомне Кендрик“, изјавила таа за Би-би-си.

Омотот за „Maid of Honour“ / Фото: Инстаграм/Дрејк

Во меѓувреме, фановите масовно се вклучија на стриминг платформите, поради што биле забележани забавувања и падови на системите веднаш по објавувањето.

Дрејк со недели ја најавуваше ерата „Iceman“ преку необични промотивни потези. Во Торонто постави огромна ледена инсталација со датумот на објавување на албумот, а пожарникари подоцна морале да интервенираат откако фанови се обиделе да го растопат мразот со факели и чекани.

Раперот дури и ја осветли кулата „Си-ен тауер“ во сино, додека го емитуваше последниот пренос во живо пред објавувањето на албумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот