Драми во центарот на Скопје: Полуголи се групирале и вежбале јога, во темница се криеле во познат скопски клуб и бегале од инспекторите, пијани се заканувале
Пазарните испектори вчеравечер во Скопје затвориле три угостителски локали и едно студио за вежбање. Два угостителски објекти и вежбалната за јога не ги почитувале мерките односно забраната за работа по 21 часот, а третиот угостителски објект си ја скинал пломбата и повторно почнал да работи, без да се регистрира. Како што вели Стојко Пауноновски за Слободен печат, инспекторите ги собрале сите во два часот по полноќ.
Среде центарот на Скопје, синоќа инспекторите и полицијата здружено влегле во јога студио каде имало повеќе од 25 лица што полуголи вежбале јога и го затвориле студиото, тврди за Слободен печат директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.
– Полицијата ги избрка од јога студиото. Тие си мислеле дека може да работат до 24 часот, но јасно е со мерките и препораките за заштита во време на пандемија дека тоа не е така, ни изјави Пауновски.
Инспекторите синоќа имале полни раце работа и во баровите „Три кичен“, „Мош“ и „Холивуд“ кои исто така имале гости во алкохолизирана состојба кои бегале од споредни излези, но биле затекнати од органите на прогонот на излегување кои биле распоредени на сите излези, додава Пауновски.
Во угостителскиот објект „Три кичен“, кој е споен со клубот „Станица 26“, гостите седеле во темница чекајки да си одат инспекторите. Полцијата веќе била таму, но како што изјави Пауновски, се однесувала како да ги штитела присутните во објектот. Службениците се правдале дека не знаат како да влезат внатре, но инспекторите биле упорни бидејќи сфатиле дека гостите седеле со изгасени светла и ги чекале да си заминат. Вратата на „Три кичен“ била затворена, па гостите од овој објект се обиделе да излезат од другата врата, односно преку вратите од „Станица 26“ за да избегаат. Ама инспекторите ги чекале од двете врати, направиле записник и го затвориле „Станица 26“.
Во Мош се заканувале и на инспектори и на полиција, се заканувале дека знаат луѓе од владата, дека знаат луѓе во полиција, додава директорот на Пазарниот инспекторат.
Од вчера е затворен и барот „Холивуд“ кој си ја отстранил пломбата и продолжил со работа.