Домен Тајник: Ако продолжиме вака, во Битола можеме да победиме секого во ЛШ
Еурофарм Пелистер во рамките од третото коло оваа сезона во ракометната Лига на шампионите покажа многу подобра игра во однос на претходните два натпревари од групата „А“.
Препорачано
Актуелниот македонски првак кој во Битола загуби само со 20:23 против еден од најдобрите ракометни клубови во Европа, германскиот шампион Кил. Тоа остава надежи дека играчите предводени од тренерот Александар Јовиќ можат да дојдат и до првите победи во групната фаза.
Јовиќ им се заблагодари на навивачите кои повторно дојдоа во голем број во салата „Боро Чурлевски и воедно го честиташе 38 роденден на навивачката група „Чкембари“:
– Сакам да се заблагодарам на нашата верна публика, која што нè бодреше во текот на целиот натпревар, а воедно да им го честитам роденденот на „Чкембари“, која е најдобрата ракометна навивачка група во целиот свет. Се покажавме во одлично светло и тоа против, според мене, најдобриот тим во Европа. Мислам дека париравме во текот на сите 60 минути, ни се пружи шанса за бод или победа, но не успеавме. Тоа се должи на нашето неискуство. Имавме промашени зицери и технички грешки во финишот и тоа ѕвездите на Кил го казнија. Од овој натпревар ќе добиеме поголема самодоверба и пак ќе нагласам дека нашиот пријател ќе биде времето. Ние сме нова екипа и на сите ни треба време за подобро да се запознаеме и да направиме нова прекрасна приказна во Битола – рече Јовиќ по мечот со Кил.
Словенечкиот централен бек на Еурофарм Пелистер, Домен Тајник верува дека доколку тимот продолжи со ваквите игри, во иднина може да победи кој било тим во ЛШ.
– Сакам да им се заблагодарам на сите навивачи кои што дојдоа да нè бодрат. Беше одлично да се игра на ваква атмосфера. Знаевме што значи Кил во ракометот – еден од најдобрите ракометни клубови во Европа. Мислам дека го одигравме еден од најдобрите натпревари оваа сезона. Ние сме нова екипа и навистина ни треба време за да се воиграме. Ако продолжиме вака, мислам дека можеме да го победиме кој било тим во Лигата на шампионите во Битола. Пред ваква публика е многу полсено да се игра – се зборовите на Тајник.


